Братскиот двобој во Битола го доби Еурофарм Пелистер

Во претпоследното коло од плеј-оф фазата во најквалитетното натпреварување во Македонија, Еурофарм Пелистер 2 во спортска сала „Боро Чурлевски“ беше формално домаќин на првиот тим, а братскиот дуел заврши со победа на искусниот тим на Жељко Бабиќ од 27:30.

Еурофарм Пелистер уште од стартот ја имаше контролата на теренот и од половината на првиот дел започна да ја гради својата предност. Младите ракометари на Александар Јовиќ на моменти покажуваа квалитетна игра, но не можеа да парираат во текот на целиот натпревар бидејќи против себе имаа посилен тим, кој рутински стигна до победа.

Резултатот на полувреме беше пет гола разлика за Еурофарм Пелистер, 10:15. Во второто полувреме, „гостите“ без поголеми проблеми ја одржуваа убедливата предност и ги казнуваа грешките на младиот ривал. Еурофарм Пелистер 2 во последните минути го искористи падот и малото опуштање кај првиот тим и само го ублажи поразот на минус три.

Победничкиот тим беше предводен од Стипе Мандалиниќ со девет погодоци. Во вториот тим се истакнаа Филип Арсеновски со седум и Павле Атанасијевиќ со четири погодоци. Еурофарм Пелистер 2 во последното коло ќе гостува кај Охрид, додека избраниците на Жељко Бабиќ ќе бидат домаќини на Бутел.

Сега Еурофарм Пелистер има 28 бода, пред Вардар со 26 на второто место кој има и меч помалку. Вториот тим на битолчани остана на 8 бода и четвртото место кое води во Европа, но директниот ривал Тиквеш има 6 боди и меч помалку.