Semi Final Match 2 - Vardar 1961 vs PPD Zagreb, Final Four - SEHA - Gazprom league, Zadar ,04.09.2020 , Mandatory Credit © Mandatory Credit © Anze Malovrh / kolektiff

Борко Ристовски: За нас ова беше финале, понатаму е уживање!

Борко Ристовски одбрани два седмерци за осмо финале на Вардар во СЕХА лигата и потоа остана без патики! Кога на семафорот блеснаа конечните 30-29 во полуфиналето против ППД Загреб,  сите вардарци „го нападна“ во неговата мрежа прославувајќи ја победата што им донесе ново СЕХА финале.

„Ми ги извадија патиките (хахаха). Ама ваква победа заслужува да се прослави…“ – расположено раскажа Борко Ристовски.

ФОТО: Anze Malovrh / kolektiff Радост на Вардар по одбранетиот пенал на Борко Ристовски во полуфиналето на СЕХА Ф4 турнирот 2020 година

Искуството на македонскиот репрезентативец на голот се покажа и тоа како драгоцено за Вардар на патот до осмото СЕХА финале. Прво во дуелот со Нексе во Скопје во кој вардарци обезбедија пласман на Ф4 турнирот, а потоа и во вчерашното драматично полуфинале во Задар против ППД Загреб. Ристовски имаше неколку клучни одбрани во второто полувреме што го вратија Вардар во игра од шест гола негатива да стигне до нерешно, а потоа и до победа за финале во пенал завршницата. Неколку часа по победата, откако малку стивна еуфоријата, се сумираа впечатоците…

„Почнавме многу лошо во одбраната, но и покрај тоа, се држевме резултатски. Не се предававме до крај и го задржавме оној победнички дух што го имаше Вардар од претходно. Треба да си честитаме сите за пожртвуваноста, упорноста и борбеноста до крај. Ова е дополнителна вредност на овој тим. Ни треба само време да се вклопиме подобро, да се воиграме и од натпревар во натпревар ќе бидеме се подобри“- убеден е Борко Ристовски.

Фото: Uros Hocevar / kolektiff Борко Ристовски изведува слободен удар по грешка на нападот на противникот на Ф4 турнирот во СЕХА лигата 2020.

Одбрана на десет секунди пред крај по која Вардар со голот на Ловро Јотиќ дојде до изедначување и два одбранети седмерци во продолжението за финале, се резултат на долгогодишното искуство меѓу стативите, силна мотивација и како што вели Борко, на добрата тимска соработка.

„Искуството, добрата соработка со тренер како Дејан Периќ и работата на тренинзите, сето тоа е важно во тие клучни моменти. Кога попушта концентрацијата и сигурноста, мотивирачки е да имаш човек на клупата кој ќе види и ќе реагира. Сите се поддржуваме максимално и тоа е најдобрата работа. Тоа на крај и носи резултат. Лошо почнавме, но потоа Робин кога влезе фати неколку топки, потоа и јас одбранив и ни тргна…Искуството, можеби беше тоа што пресуди во тие решавачки моменти“ – истакнува голманот на Вардар.

ФОТО: Uros Hocevar / kolektiff Борко Ристовски прославува со тренерот на голмани во Вардар, Дејан Периќ и македонскиот ракометар Томислав Јагуриновски.

Во големото финале, утре Вардар ќе ги одмери силите со Веспрем. Унгарците важат за големи фаворити во овој дуел, но вардарци многу пати досега покажаа дека никој предвреме не треба да ги отпише. Најмалку кога се во победничка еуфорија.

„За нас ова беше финале, понатаму се е уживање“, вели Борко Ристовски.

Вардар е досега најуспешен тим во СЕХА лигата со пет титули и осум финалиња во вкупните девет настапи на завршниот турнир. „Црвено-црните“ не играа финале во СЕХА само во сезоната 2014/2015 кога на Ф4 турнирот во Веспрем во полуфиналето загубија од Мешков Брест.