Борко Ристовски: Да ја издигнеме нашата игра против Порто, февруари е тежок месец

Ракометарите на Вардар в четврток го играат првиот натпревар во Лигата на шампионите во 2021 година, а ова е веќе трет после двата дуели од СЕХА лигата. На оваа средба може да се очекува да се продолжи со добрите резултати, но јасно е дека ќе мора да се крене нивото на формата.

Пред заминувањето за Португалија своите коментари за формата која што ја има тимот на Вардар зборуваше голманот Борко Ристовски, кој вчера успеа да одбрани важни топки, oд кои особено важна беше последната.

„На двата натпревари во СЕХА лигата кои ги добивме, а пред само неколку дена се комплетиравме, не одигравме на ниво кое се очекуваше од нас кога се во прашање такви противници, сепак, доста важно е што тие два натпревари ги добивме и што во Лигата на шампионите влегуваме со две победи. Нашата самодоверба е во нагорна линија и првиот дуел против порто треба да биде една слика кон што треба да се стремиме како екипа и индивидуи“, изјави Ристовски.

За првата средба против Порто вели дека мора да се одигра на многу повисоко ниво бидејќи тоа ќе биде правецот за овој месец така што е многу важно каква игра ќе биде прикажана на тереноте.

„Дуелот против Порто ќе биде една убава шанса за да се одигра добар натпревар, да видиме дали можеме на едно повисоко ниво од она кое го игравме во СЕХА лигата. Ова е натпревар кој треба пред сè да го отвориме со добра игра и да се обидеме да оствариме позитивен резултат и во овој месец да влеземе што е можно поподготвени и физички и тактички и психички за сето она што не очекува. Кога сè ќе се собере и одземе мораме многу да го кренеме нивото на борбеност и во нападот и во одбраната и на овој прв натпревар да ја издигнеме нашата игра и полека да се подготвувме за овој навистина тежок месец“, коментираше голманот Ристовски.

Средбата против Порто се игра в четврток, а почетокот на средбата е во 20:45 часот.