Боризовска: Можеме да се надигруваме со Галичанка, а титулата во Женската лига ќе биде наша!

Единствениот македонски претставник во европските купови, Куманово, го доби ривалот во третото коло од ЕХФ Купот.

Избраничките на Ненад Краљевски ќе играат против украинскиот тим Галичанка Лвов во двомечот на 14/15 и 21/22 ноември.

Капитенот Александра Боризовска смета дека може да се надигруваат со овој ривал.

„Добивме добар противник со кој можеме да се надигруваме. Имаме доволно време за анализа и подготовка за тие два натпревари. Одиме чекор по чекор. Најпрвин се надевам дека ќе имаме позитивен резултат против Галичанка Лвов, за да продолжиме понатаму со уште посериозни противници“, вели Боризовска за 24Ракомет.

Куманово игра одлично и досега нема загубено бод во Женската лига, а ги совлада и директните ривали за титулата на нивни терен, Чаир и Металург.

„Се разбира дека можеме за првпат во клупската историја да се искачиме на тронот. Имаме одлична екипа и мислам дека оваа година шампионската титула е наша“, заврши Боризовска.

Куманово доби тежок ривал во ЕХФ Купот – Галичанка Лвов стои на патот до осминафиналето