Борец донесе уште две засилувања – потпишаа Манев и Стојанов

Прволигашот Борец од Велес полека го комплетира составот за новата сезона. Нови ракометари во велешкиот тим се голманот, Никола Манев, како и левиот бек, Лазар Стојанов.

Никола Манев претходно има настапувано за младинските категории на Вардар и Пролет. Со неговото ангажирање на голманската позиција, екипата на Борец добива стабилен чувар на мрежата.

Левиот бек, Лазар Стојанов во Борец пристигнува од суперлигашот Тиквеш, а неговата сениорска кариера започна токму од Борец. Иако игра на позиција лев бек, може да одигра и на десната бековска позиција.

18-годишниот ракометар во сезона 2018/2019 беше втор стрелец во плеј-аут лигата кога Борец достојно ги играше натпреварите во Супер лигата.

Претходно, Борец ги промовираше Борис Ристовски и Димче Минов од Вардар Неготино. Во клубот треба да пристигнат уште неколку засилувања во наредниот период.