Божиќ Павлетиќ заминува од Еурофарм Пелистер, следна дестинација францускиот Трембле!

Повремениот репрезентативец на Хрватска и член на Еурофарм Пелистер, Јосип Божиќ Павлетиќ, на лето ќе го напушти битолскиот тим и од следната сезона ќе настапува за клубот од Франција, Трембле, кој моментално се натпреварува во Втората француска лига.

Десното крило во Еурофарм Пелистер пристигна на почетокот на оваа сезона од Гепинген, покажа солидни партии во дресот на „фармацевтите“, сепак, се одлучи својата кариера да ја продолжи во Франција. Хрватот со Трембле потпиша договор на две сезони, до лето, 2024 година.

Божиќ Павлетиќ на натпреварите од Лига на Европа постигна вкупно 21 голови, со што беше меѓу најдобрите стрелци во составот на Жељко Бабиќ. На македонска сцена, заедно со неговиот актуелен клуб се борат за освојување на дуплата круна. Во својата кариера го носеше дресот и на двата најдобри клубови од Хрватска, Загреб и Нексе.

Веќе е познато дека на крајот од сезоната од Еурофарм Пелистер ќе си заминат поголемиот број на интернационалци. Јосип Периќ, Матео Мараш, Немања Обрадовиќ и Мартон Секељ ќе ги засилат редовите на Татабања, Реиние Табоада ќе се пресели во данскиот тим Фредериција, додека македонскиот репрезентативец, Никола Маркоски ќе продолжи во амбициозниот проект на Алкалоид.

Но битолчани веќе најдоа замени за играчите што ќе заминат. Досега потпишаа голманот Урбан Лесјак, бековите Руди Сери, Вилсон Дејвис и Усама Хосни, како и кружниот напаѓач Денис Васиљев, а наскоро ќе бидат промовирани и нови имиња.