Блесок на Лесјак, Еурофарм Пелистер има реми на полувреме против Архус!

Тимот на Еурофарм Пелистер, иако водеше со плус два во финишот на полувремето, сепак на пауза има само реми, 11-11, на мечот со данскиот Скандерборг Архус. Голманот на битолчани, Урбан Лесјак имаше 10 одбрани во првото полувреме, но соиграчите не ги искористија максимално, иако водеа во поголемиот дел од првите 30 минути.

Домашните брзо отворија со 1-0, имаа шанса и за плус два, но Лесјак одбрани, па Хосни израмни на 1-1. Танкоски донесе битолско водство, пред Архус да израмни од сомнителна ситуација. Потоа двете екипи грешеа во своите напади, немаше голови подолг период, пред битолчани да стигнат за првпат до плус два, 4-2 по одличните одбрани од зицер ситуации на Лесјак.

Хосни промаши за плус три, па казната стигна преку Арнолдсен, а истиот играч потоа намали на 5-4 по грешката на Танкоски, кој претходно даде убав гол. Имаа домашните шанса за реми, но не погодија, а се реваншираше и Хенеберг.

Беше и 6-5, кога битолчани не реализираа, домашните тргнаа во контранапад и Костески направи фаул, но беше престрого казнет со црвен картон. Архус погоди од пенал за 6-6, но Дејвис го врати водството на страна на македонскиот тим.

Валтер повика тајм-аут, нападот на битолчани беше пасивен, па Хенеберг промаши и домашните израмнија. Се играше гол за гол, пред Архус да остане со двајца помалку на теренот. Радовиќ од пенал и Лесјак со гол од неговиот простор вратија плус два за Еурофарм Пелистер, 10-8.

Беше и 11-9, но двете промашувања на битолчани, Архус ги искористи за реми на пауза, 11-11. Лесјак заврши со десет одбрани, три гола постигна Радовиќ, а два Марио Танкоски.