БЛАМАЖА за крај – Македонија понижена од Аргентина!

Репрезентацијата на Македонија загуби и во третото коло од Светското првенство во Полска и Шведска од селекцијата на Аргентина со убедливи девет гола разлика, 35-26 и ќе разигрува за пласман од 25 до 32 место во Плоцк.

Македонија натпреварот го загуби уште во првото полувреме кога им дозволи на ракометарите на Аргентина да доминираат на теренот. Истото сценарио се повтори од претходните два натпревари, па така Аргентина заслужено се пласира во следната фаза на Мундијалот.

Натпреварот започна со голот на Филип Талески, откако претходно селекцијата од Јужна Америка не успеа да реализира во мрежата на Никола Митревски. Иако Македонија во два наврати имаше шанса да дојде до плус два, сепак, Аргентина преку членот на Монпелје, Диего Симоне израмни на 1:1 во 3-та минута од дуелот.

Во воведниот дел имаше доста грешки во двата табора, па така по пет минути игра немаше промена на резултатот. Аргентина во 7-та минута со голот на Пизаро за првпат дојде до водство од 2:1. Минута подоцна, искусниот македонски репрезентативец Горце Георгиевски израмни на 2:2.

Откако резултатот беше нерешен (3:3), избраниците на Милано во 10-та минута со два гола во низа дојдоа до дотогаш највисоките ,,плус два” 5:3. Следуваше период, во кој Македонија влезе во криза и ги зголеми техничките грешки. Селекцијата на Аргентина го искористи падот на македонската репрезентација и дојде до сериозна предност кон средината на првото полувреме, поведе со 8:4.

Ракометарите на Милано лесно доаѓаа до погодок, зголемија на 9:4 во 15-та минута и беа повеќе пофокусирани во нападот и одбраната. Избраниците на Лазаров немаа многу идеја во нападот и одвреме-навреме доаѓаа до голот на Аргентина. Кризниот период во таборот на Македонија беше прекинат со голот на Кузмановски, кој за момент намали на 9:5, бидејќи Аргентина со расположениот Диего Симоне дојде до дистанца од шест гола разлика, 11:5.

Македонија – Аргентина

Водството на Аргентина во 20-та минута беше 11:6. До крајот на првото полувреме Македонија се обиде да дојде до помала негатива, но големиот број грешки си го направи своето. Аргентина во последните десет минути одржуваше водство од пет-шест гола разлика, а по 30 минути игра водството на јужноамаериканската селекција беше 18:11.

На почетокот на вториот дел, двете репрезентации постигнаа неколку брзи гола. Резултатот по пет минути игра беше 14:21 во корист за селекцијата на Аргентина.  Иако Македонија ја подобри играта во напад, постигна неколку брзи гола, сепак, одбраната дозволуваше премногу простор за ривалот .

Веќе при водство на Аргентина од 16:24 во 40-та минута, беше јасно дека Македонија ќе има тешка задача за било какво резултатско приближување. Како одминуваше времето Аргентина сѐ почесто доаѓаше до погодок, додека во ,,црвено жолтиот” табор паѓаше темпото и се зголемуваа грешките. Aргентина зголеми на 26:17 и рутински го одработи последниот дел од натпреварот.

Предводник во репрезентацијата на Аргентина беше искусниот Диего Симоне. Членот на Монпелје во мрежата на Македонија постигна осум гола од девет обиди. Кај Македонија се истакнаа Филип Талески со пет и Филип Кузмановски со четири погодоци.

Слично како и на претходните два меча, немаше време, а ние немавме ниту сили да парираме или да бркаме камбек по високата негатива, па немаше дилеми околу конечниот победник. По овој висок пораз, на Македонија и останува да се бори за пласман од 25 до 32 место на Мундијалот и ќе разигрува во Плоцк.