„Благодарам на девојката што ми го скрши носот“

Ракометарката на Ростов Дон, Владлена Бобровникова за клупскиот веб сајт на нејзиниот клуб, зборуваше за процесот на опоравување по скршеницата на носот, како и извршената операција.

Искусната ракометарка скршеницата на носот ја заработи за време на тренинг. Поради тоа, Бобровникова не играше на три меча во Лигата на шампионите.

По извршената операција, ракометарката тренираше според индивидуална програма и со посебен тренер, а пред неколку денови започна да тренира со нејзините колешки во екипата.

„Во текот на овие денови ќе имаме разговор со докторот, тој ќе одговори кога ќе може да заиграм на терените. Поминаа речиси три недели од денот на операцијата, коските почнуваат да растат по десет дена, иако, се разбира, сето тоа е индивидуално. Периодично го посетувам докторот, тој се грижи сѐ да оди според планот. Докторот ми рече дека ќе дишам уште подобро отколку пред повредата, па можам да и кажам благодарам на девојката што ми го скрши носот. Секој ден се чувствувам подобро“, изјави Бобровникова.

Бобровникова важи за една од носителките на играта во Ростов Дон. Најверојатно, нејзиното враќање на терените за натпреварите од Лигата на шампионите ќе биде на 8 јануари кога нејзиниот тим на свој терен ќе се соочи со Есбјерг.