„Бев во депресија – ракометот ми е страст, ама ми предизвикуваше и душевна болка“

Репрезентативката на Полска, Кинга Ахрук долго време имаше проблеми со депресијата. Таа дури призна и дека иако ракометот е нејзина страст не се чувствувала среќна што тренира и игра.

Во изјава за sportowefakty.wp.pl, Ахрук објасни како успеала да ја надмине депресијата. Таа побарала помош од стручно лице и после испитувањата на нејзиното тело резултатите покажале дека е исцрпено и дека му треба регенерација.

„Ракометот ми предизвикуваше душевна болка. Мислев дека е привремено и дека ќе помине. Почнав да се будам, се насмевнав и реков дека ќе биде добро. Го правев тоа што го сакам уште од дете, но дури не можев ниту да ги гледам натпреварите на ТВ“, коментираше Ахрук.

Таа имала проблеми со концентрацијата на тренинзите и тренирала само затоа што морала. Уште една работа која и помогнала да ја врати старата форма е бременоста и раѓањето на нејзиниот син.

„Се опуштив и по големи напори останав бремена. Денес велам дека мојот син е мојот спасител. Благодарение на него ја надминав кризата. Од една страна имаше ослободување на хормони, среќа, радост, а од друга поинаков поглед на светот. Син ми ми покажа дека има многу поважни работи на светот, за првпат имав толку голема пауза од ракометот. Тоа многу добро влијаеше на мене“, призна Ахрук.

Полската репрезентативка во својата кариера има настапувано за Заглебје Лублин, Будуќност, а од 2017 година игра за Перла Лублин каде што е клучен играч и предводник на својот тим.