Банцалиски со одличен старт во Динамико

Екс ракометарот на Партизан Гевгелија и Младост Богданци, Ѓорѓе Банцалиски дебитираше во дресот на Динамико, клуб кој што е предводен од искусниот стратег Дамир Јосиповиќ.

Ракометарот од Македонија во своите први настапи во холандскиот клуб се покажа во одлично светло и беше најефикасен на двата пријателски натпревари, против Пелт и против една од најдобрите екипи во Белгија – Бохолт.

Банцалиски против Пелт беше стрелец на седум погодоци, додека во натпреварот против Бохолт постигна осум гола. За младиот ракометар, кој има 20 години и кој настапува на позиција среден бек, интерес имаше и од Германија, Белгија и други држави, но тој одлучи кариерата да ја продолжи во Холандија.

Динамико игра во најквалитетната лига во земјата каде што има голем подем во машкиот ракомет. Доказ за тоа се одличните резултати на холандската репрезентација, која е ривал на Македонија на Светското првенство во 2023 година кое ќе се игра во Шведска и Полска.

Во минатата сезона, Банцалиски заврши како трет стрелец во Првата лига со вкупно 175 погодоци. На дел од прволигашките натпревари не беше во составот на Партизан Гевгелија. Со трансферот на Банцалиски во Холандија, Македонија доби нов интернационалец за следната сезона.