Бабиќ: Ќе биде тешко и за нас и за Татабања, ќе беше подобро да имаме поддршка од публиката

Ракометарите на Еурофарм Пелистер ги очекува продолжението на Лигата на Европа, а прв предизвик ќе биде двомечот со унгарската Татабања.

Тренерот Жељко Бабиќ вели дека предноста на домашниот терен во вакви услови не е изразена.

„Ќе биде сигурно тешко и за нас и за нив. Ќе беше подобро да имавме поддршка од публиката, но денес е така и предноста на домашниот терен не е изразена. Сепак, полесно е да играме на домашен терен, отколку да патуваме. Секако дека имаме една мала предност, но тоа нема да го одлучи победникот. Татабања е цврст тим, кој има силен ритам 60 минути, Ние треба истото тоа да го работиме, дури и повеќе. Верувам дека ќе дојдат моменти во кои треба да бидеме стрпливи, мудри и храбри за да го превртиме натпреварот во наша полза“, вели Бабиќ.

Проблемите околу составот се помали, па веројатно Кушан и Вегар ќе се вратат во тимот, а би требало и голманот Хендави да биде дел од ростерот.

„Верувам дека Кушан веројатно ќе игра. Има проблеми со коленото, но медицинскиот тим е оптимист дека ќе игра. Карим ќе игра, ќе ни се приклучи, и Вегар треба да биде во тимот. Не патуваше со нас во Загреб заради повреди со рамото, но ќе биде спремен. За Велковски не можам категорички да кажам, но сигурно ќе имаме 2-3 замени од ростерот кој играше во Загреб. Тешко прашање е кој колку ќе игра и ќе ни помогне. Имаме еден професионален однос, играчите се одговорни и сите работиме да ги победиме следните натпревари. Дали некој ќе игра повеќе или помалку ќе видиме. Игравме добро во Загреб, среќен сум што играчи кои играат помалку добро се презентираа“, заврши Бабиќ.

Натпреварите меѓу Еурофарм Пелистер и Татабања се играат утре и задутре во „Боро Чурлевски“ со почеток во 17:00 часот.