Бабиќ: Клубовите кои играат Лига на шампиони се посилни од оние од Лигата на Европа

Екипата на Еурофарм Пелистер со поразот и на реваншот против Мешков Брест не успеа да изненади и да дојде до Ф4 турнирот во СЕХА.

Битолчани загубија одново со четири разлика (31:35), а тренерот Жељко Бабич изјави дека разликата во квалитет меѓу тимовите кои играат Лига на шампиони и Лига на Европа е очигледна и тоа се видело и на теренот во четврт-финалето од СЕХА.

„Има голема разлика меѓу екипите од Лигата на шампионите и Лигата на Европа.  Мотор е посилен од Татран, Веспрем од Нексе, Мешков Брест се виде дека е посилен од нас. Квалитетот на играта варира многу и тоа го одредува резултатот“, коментираше тренерот на Еурофарм Пелистер, Жељко Бабиќ после поразите од тимот од Белорусија.

Капитенот на тимот, пак, изјави дека имале две различни полувремиња, а дека противникот заслужено се пласирал во следната фаза.

„Одигравме лошо во првото полувреме и направивме премногу технички грешки. Не успеавме да пстигнеме доволно голови. Имавме подобро второ полувреме, но генерално Мешков Брест нè надигра и заслужи да игра на Ф4 турнирот во Задар“, изјави капитенот, Јосип Периќ.

Сега тимот на Еурофарм Пелистер ќе може да продолжи со подготовките за новата сезона бидејќи од оваа се враќа во домашното натпреварување уште од почетокот на шампионатот.