Бабиќ: Групата е израмнета, треба да бидеме подготвени на драматични натпревари

Ракометарите на Еурофарм Пелистер се враќаат со бод од тешкото гостување кај Спортинг Лисабон, откако мечот заврши 27-27.

Тренерот Жељко Бабиќ е задоволен што неговата екипа успеа да освои бод и вели дека ќе има уште драматични натпревари.

„Многу сум задоволен. Вечерва беше многу важно да не загубиме. Сакам да им се заблагодарам на ракометарите, се бореа за секоја топка и за секоја позиција. Игравме многу важен натпревар за двете екипи. Веќе четири натпревари сме без пораз и тоа многу ни значи за нашата ментална сила. Групата е многу израмнета и треба да бидеме подготвени на драматични натпревари до крај. Треба да бидеме храбри и интелегентни. Целта ни е да биеме меѓу четирите најдобри екипи во групата и да продолжиме со играње на елиминациони натпревари“, изјави Бабиќ.

Капитенот Јосип Периќ смета дека ремито е реален резултат.

„Натпреварот беше физички многу тежок. Спортинг има одлична одбрана и добро се подготвивме за неа. На крајот можеше секако да заврши, па мислам дека исходот по бод за двете екипи е реален и заслужен“, вели Периќ.

Следен предизвик за пелистерци ќе биде вториот меч со Спортинг Лисабон, овојпат во Битола на 7 декември од 18:45 часот.