Бабиќ: Во спортот минатото не се брои, Мешков Брест е голем предизвик за нас

Тимот на Еурофарм Пелистер утре го игра првиот четвртфинален натпревар од регионалната СЕХА лига против белорускиот Мешков Брест.

Тренерот Жељко Бабиќ работеше во Брест и добро знае со каков тим неговите играи ќе имаат работа.

„Мешков Брест е многу добар противник, кој минатата сезона беше четвртфиналист во Лигата на шампионите. Во последно време има голем европски раст, победува големи европски натпревари и во последно време веројатно е најсилниот противник кој дошол во Битола. Ни следи еден голем предизвик, голема радост за сите нас. Спремни сме и желни да се натпреваруваме и верувам дека можеме до добар резултат без оглед што се тим од Лигата на шампионите и имаат силен тим“, изјави Бабиќ.

Битолчани освоија титула во Суперкупот, а потоа загубија во финалето на Струшкиот турнир од Вардар.

„Освоениот Суперкуп сигурно многу значи за самодовербата. Секако дека сите сме среќни, задоволни и горди. Сепак, познато е дека во спортот минатото не се брои. Нашата форма уште не е одлична, уште е припремен период, работите паралелно на физичка и тактичка припрема. Се виде на турнирот во Струга дека правевме многу технички грешки кои ние не ги правиме. Не сум загрижен, верувам во своите играчи, верувам во нашата работа и уверен сум дека ќе имаме многу добра сезона без разлика на исходот од натпреварот против Мешков Брест. Ни следи многу добра сезона и секако дека се надевам на уште некој трофеј.

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Мешков Брест се игра утревечер во „Боро Чурлевски“ со почеток во 20:15 часот.