Ања Урбан доаѓа во Ѓорче Петров, Ивана Антевска го продолжи договорот

Пред почетокот на новата сезона, Ѓорче Петров донесе нова ракометарка во своите редови.

Левото крило од Шампион, Ања Урбан во новата сезона ќе биде дел од амбициозната екипа на Ѓорче Петров. Урбан имаше одлични настапи изминатата сезона во Шампион и беше една од носителките на играта во екипата предводена од Валентина Радуловиќ.

Младата ракометарка ќе има голема мотивација за докажување на нејзините способности во новиот клуб. Освен за Шампион, Урбан настапуваше и за Велкова 5 и Кастратовиќ Вардар.

„Мојата желба беше да бидам член на некој поголем клуб, кој ќе се бори и оди по патот за да го постигне врвот на европскиот ракомет. Амбициозноста и посветеноста на тренерите во клубот е толку голема, што мислам дека ќе се оствари таа желба. Со вакво раководство и соиграчки, очекувам голем успех и висок пласман во домашниот шампионат“, изјави Урбан за 24 Ракомет.

Ѓорче Петров го продолжи договорот со пикерот, Ивана Антевска која остави добар впечаток со своите настапи во минатата сезона. Претходно, клубот ја продолжи соработката со Ања Велкова, Ангела Цветановска и Ива Петровска.

„Го продолжив договорот со Ѓорче Петров, затоа што ми се допаѓа целиот проект и Ѓорче Петров е мојот матичен клуб. Одлучив да соработувам и во иднина, а клубот во новата сезона го гледам во горниот дел на табелата. Нашата цел ќе биде добар пласман и излез на европска сцена“, изјави Антевска за 24 Ракомет.

До овој момент, Ѓорче Петров ги ангажираше двете сениорски репрезентативки на Македонија, Симона Стојановска и Анастасија Николовска, како и Анастасија Белевска. Ана Марија Коларовска, Марија Николовска, Симона Василева, Сања Цветковска и Слободанка Кицеска.