Македонската интернационалка Леонида Гичевска по настапите во Романија, Франција, Русија…ќе има нов, поинаков од досегашните, предизвик во својата кариера.
Таа настапува во Соединетите Американски Држави за тимот на Чикаго Интер, кој и посака добредојде на социјалните мрежи. Со новата екипа, Гичевска веќе играше на неколку турнири во САД, каде беше прогласена за најдобар стрелец, а нејзиниот тим е фаворит за титулата, која се решава преку турнирски натпреварувања.
Олимписките игри 2028 ќе се играат во Лос Анџелес, па тамошната федерација со ангажман на квалитетни странци се обидува да го подигне ракометот на повисоко ниво.
Гичевска потекнува од Свети Николе, во Македонија ги носеше дресовите на Вардар Јуниор и Вардар, со кој играше во Лигата на шампионите, а беше дел и од Металург и Куманово.
Во 2020 ја започна интернационалната кариера. Настапуваше за француските клубови Ле Пузен, Самбр Авеннуа и Безансон, потоа за хрватската Локомотива Загреб, романската Стинта Букурешт и руската Лада Тољати.
Гичевска ги мина сите младински категории на македонската репрезентација, а настапи и во сениорскиот дрес на ЕП 2022 на кое домаќинот покрај Црна Гора и Словенија, беше и Македонија.


View this post on Instagram
























