Анчева реализираше, Петрушева бранеше – Астибо победнички низ Битола

Ракометарките на Астибо на гостувањето во Битола кај Феникс запишаа победа, со три гола разлика, 25:28, во натпревар од 10. коло од плеј-аут фазата во Женската лига.

Избраничките на Николче Костовски имаа добар старт на натпреварот и по неколку минути игра дојдоа до водство од 3:1. Феникс резултатската предност од еден до два гола разлика ја одржуваше до 25. минута. Во последните пет минути од првото полувреме, гостинките од Штип при негатива од 13:11, направија целосен пресврт, односно серија од 5:0, и на полувреме заминаа со плус три гола разлика, 13:16.

Феникс во второто полувреме се обидуваше да се врати во игра, но ракометарките на Астибо со сигурна реализација ја одржуваа стекнатата предност од првиот дел. Една од најдобрите ракометарки во составот од Штип, Драгана Стојанова, заработи повреда во текот на второто полувреме. Сепак, нејзините соиграчки го дадоја максимумот кога беше најпотребно, со што дојдоа до посакуваната победа во денешниот натпревар.

Најефикасни во редовите на Астибо беа Марија Анчева со 12 и Драгана Стојанова со девет погодоци, додека Ангела Петрушева меѓу стативите запиша 17 интервенции. Кај Феникс, Ана Марија Талева ги предводеше стрелците со 12 гола.