Анте Гаџа: Промашивме премногу зицери

Вардар не успеа да направи уште еден голем подвиг и да ја одбрани титулата во СЕХА лигата.

Според бекот Анте Гаџа, главната причина за поразот на Вардар опд Веспрем во финалето на Ф4 турнирот во Задар беше несигурната игра на вардарци во нападот и многуте промашени зицери.

„Мислам дека не беше толкава разлика во квалитет колку што изгледа според резултатот. Сакавме да ги изненадиме со 7 на 6, меѓутоа промашивме три зицери на почетокот и Веспрем се одлепи на 4-5 гола разлика, а против Веспрем тоа тешко се стига. Кога ќе се разиграат, кога им влегуваат топките, кога го имаат Коралес во вакво издание на голот, тоа е многу тешко. Дури и кога игравме добро во второто полувреме, кога создававме шанси, не усевавме да реализираме“, истакна Гаџа.

Според хрватскиот бек, на Вардар не му недостасува тимски дух и хемија, но против тим како Веспрем со расположениот Родриго Коралес на голот, треба и нешто повеќе од тоа.

„Да беше така ние немаше ни да ги стигнеме ППД Загреб и Нексе, без таа хемија, не би биле ни близу. Денеска не ни одеше, да не промашувавме толку зицери сигурно ќе беше поинаку, ќе успеевме да се подигнеме. Вака, беше тешко“, вели Анте Гаџа.

И покрај поразот во финалето Вардар останува најуспешен учесник во регионалната СЕХА лига со вкупно пет титули и настап во сите девет изданија на Ф4 турнирот.