Андоновски: Се знае кои се главни фаворити, но ние ќе пружиме голем отпор

Ракометарите на Тиквеш денеска ќе го одиграат првиот натпревар од плеј-оф фазата против составот на Еурофарм Пелистер, кој заедно со екипата на Вардар се главни фаворити за освојување на шампионската титула.

Избраниците на Горан Андоновски на денешното гостување против „фармацевтите“ ќе имаат тешка задача за изненадување, но во својата екипа имаат доволен број на искусни ракометари, кои можат рамо до рамо да се носат со фаворизираните битолчани.

Тренерот на Тиквеш, Горан Андоновски e свесен за силината на Еурофарм Пелистер и смета дека неговите ракометари може да одиграат на солидно ниво доколку дадат отпор на денешниот натпревар.

„Мора да бидеме реални дека Еурофарм Пелистер и Вардар се два противници во плеј-офот кои се главни фаворити. Она што е најважно за мене во дуелот со нив е да го дадеме максимумот, да се бориме и да пружиме што е можно поголем отпор. Истовремено да се подготвуваме за Еурофарм Пелистер 2, Бутел и Охрид каде ја гледаме нашата шанса за да завршиме што повисоко на табелата сезонава, па ако ни се понуди можност и ја искористиме да направиме уште еден историски чекор за клубот“, изјави Андоновски.

Натпреварот меѓу екипите на Еурофарм Пелистер и Тиквеш ќе се одигра во спортската сала „Боро Чурлевски“ со почеток од 18:00 часот.