Амброш Мартин на пат да си најде нов ангажман, може да се врати во Ѓер

По напуштањето на редовите на шампионот на Русија, Ростов Дон, тренерот Амброш Мартин би можел новиот клупски ангажман да го најде во својот поранешен клуб, Ѓер од Унгарија. Тој пред неполн месец доби отказ и од Русија така што се очекува да се врати на старото место.

Искусниот стратег од Шпанија, беше тренер на Ѓер од 2012 до 2018 година и четирипати ја освои Лигата на шампионите со неговите избранички. Беше миленик на фановите на Ѓер, но исто така и челниците од клубот беа задоволни од соработката. Амброш се пресели во Русија и беше тренер на Ростов Дон, но пред околу шест месеци го раскина договорот со клубот од Русија.

Според унгарските медиуми, тренерот на Ѓер, Габор Дани, е на добар пат да биде дел од стручниот штаб на Шиофок, конкурентот на Ѓер во најсилната лига на Унгарија. Тоа е клуб кој во последните месеци имаше турболенции, па поради тоа го напуштија неколку ракометарки и тренерот,Бен Дал, а имаше и неколку киксови против послаби тимови.

Габор Дани го презеде тренерското место во Ѓер во 2018 година, по заминувањето на Амброш Мартин. На последното Европско првенство во Данска, беше селектор на женската репрезентација на Унгарија.

Дали ќе се случат промени во двата унгарски клубови со доаѓањето на Амброш Мартин, ќе се дознае во следните денови.