Алушовски пред заминувањето за Порто: Оптимист сум, се надевам на најдобро

Вардарци го одработија последниот тренинг во Скопје и утре ќе имаат уште еден пред дуелот кој се игра в четврток против екипата на Порто од Лигата на шампионите. Веќе е добро познато дека во составот на Вардар ќе ги нема Мишевски, Дисингер и Кантегрел, а другите се подготвени да истрчаат на терен и да го дадат максимумот.

Сите се подготвени за надигрување и се очекува в четврток да биде видена добар ракомет во кој Вардар ќе има што да покаже.

Тренерот Алушовски е оптимист така што верува дека неговите момци ќе можат да прикажат игра каква што се посакува.

„Одработивме еден тренинг пред патувањето за Португалија. Имавме тежок натпревар против Нексе кој до последната минута беше неизвесен. Се потрудивме позитивните работи од тој дуел да ги пренесеме и да тргнеме од тука со позитивна енергија и позитивна мисла на патот за Португалија и на натпреварот со Порто“, рече Алушовски пред заминувањето за Португалија.

Се работи на анализа на противникот и веќе се знае што треба да се игра на средбата на која се очекува позитивен епилог.

„Добро го анализраме противникот и добро работиме на тренинзите за натпреварот в чеврток. Ни претстои уште еден тренинг таму на кој ќе договориме уште неколку детали кои ќе ги играме на натпреварот. Нè очекува тешка средба бидејќи Порто практично е репрезентација на Португалија во мало. Дури 12 репрезентативци на Португалија играат за тимот на Порто“.

Во одбраната акцентот ќе мора да се стави на бековите на противникот, за кои Алушовски вели дека се двигатели на играта на Порто.

„Најголемата опасност ќе доаѓа од бековите на Португалија, а тука пред сè мислам на левите и средните. Ако успееме да ја затвориме соработката на нивните бекови имаме добра шанса да направиме добар резултат. Оптимист сум и се надевам на најдобро“, коментираше тренерот на Вардар, Стевче Алушовски.

Вардарци имаат долг пат до Порто бидејќи денеска со автобус одат до Софија, а утре патуваат прво до Франкфурт, а оттаму до Порто.