Алушовски: Покажавме карактер и квалитет, Вардар никогаш не треба да се отпишува

Вардар славеше над Мотор Запорожје со 32-27 во петтиот натпревар од регионалната СЕХА лига и му се одмазди за поразот во Украина.

Стратегот Стевче Алушовски е задоволен од триумфот и вели дека формата мора уште да се подига пред продолжението од сезоната.

„Честитки за моите играчи. Во текот на целиот меч бевме подобри од Мотор. Мора да ја дигаме формата од меч во меч, бидејќи пред нас е најважниот дел од сезоната. Одигравме како што се договоривме во нападот, и во шест на шест, и во седум на шест. Имаме кратка ротација, но се трудиме да го компензираме со игра седум на шест. Знам дека Карапалевски е голем талент и дека треба да добие шанса, но не ваков натпревар што треба да се победи. Не дека не верувам во него, тој покажа дека може, но одлучив само Гаџа и Шеваљевиќ да играат. Покажавме карактер, покажавме дека Вардар има квалитет и не смее никогаш да се отпише. Се надевам на уште подобри игри, ни претстојат три меча од домашното првенство па Веспрем, макотрпно работиме и се надевам на уште подобри резултати на Вардар во продолжение на сезоната“, вели Алушовски.

За вардарци нема многу време за одмор, бидејќи веќе в недела ќе му гостуваат на составот на Охрид во меч од суперлигашкиот плеј-оф.