Алушовски: Војводина ќе игра на максимум, ама и ние сме подготвени за она што не чека

Ракометарите на Вардар утре ќе го одиграат последниот натпревар од групната фаза во регионалната СЕХА лига.

Ривал е тимот на Војводина, а македонскиот тим патува ослабен за Нови Сад, бидејќи овој меч се игра во ЕХФ недела, кога дел од играчите имаат репрезентативни обврски.

Тренерот Стевче Алушовски смета дека и покрај скратениот ростер, Вардар ќе има што да покаже.

„Пролетва е навистина напорен период за нас, имаме постојано натпревари, па овој одложен меч со Војводина треба побрзо да го одиграме за да можеме да го правиме следниот распоред. Ова беше единствен слободен термин, и поради ЕХФ неделата нема да имаме повеќемина репрезентативци кои се со своите национални тимови. Но, и покрај тоа за Нови Сад заминуваме со ракометари кои секако можат и ќе одиграат најдобро. Знаеме дека Војводина сигурно ќе игра на максимум, но и ние сме подготвени за она што не очекува. Ова ќе биде и шанса шестмина наши кадети да почуствуваат што значи СЕХА лига. Тие веќе неколку денови тренираат со нас и ќе бидат подготвени за нивното деби“, вели Алушовски.

Поради репрезентативни обврски во составот нема да бидат Марко Кизиќ, Гоце Георгиевски, Стојанче Стоилов, Филип Талески, Марко Мишевски, Анте Гаџа, Васко Шеваљевиќ, Иван Чупиќ и Патрик Валчак. Поради повреди за Нови Сад не отпатуваа ниту Борко Ристовски и Димитар Димитриоски. Во тимот се приклучени шестмина кадети од тимот предводен од Зоран Петковски. Станува збор за голманот Никола Спасовски (17/181/78), левиот бек Никола Анакиевски (18/92/192), средниот бек Виктор Трифуновски (18/85/88), левото крило Марио Стојановски (17/80/183), пивотот Александар Стојменов (17/85/181) и десното крило Матеј Трајановски (17/80/180).

Наптреварот меѓу Војводина и Вардар се игра утре во Нови Сад со почеток во 17:00 часот.