Алмеида незапирлива, Куманово не дозволи изненадување против Металург

Тимот на Куманово предводен од бразилската интернационалка Андреза Алмеида, славеше во дербито против Металург со 26-21 и ја продолжува битката за вицешампионското место.

Избраничките на Славиша Димитријески уште на стартот „си го фатија редот“ и по 3-3, поведоа со 6-3, а потоа и со 9-5. До крајот на паузата беше 16-11.

Гостинките од Автокоманда се трудеа да направат нешто повеќе на ова тешко гостување, но не им одеше особено кога по 21-16, Куманово со серија од три гола стигна до највисокото водство на мечот, 24-16.

Најдобри стрелци во победничката екипа беа Алмеида со 12 погодоци, од кои осум (од осум) беа од пенал, како и Цветановска со пет гола.

Кај Металург Младеновска даде шест гола, додека екс членката на Куманово – Мила Трајковиќ беше стрелец на пет погодоци за тимот од Автокоманда.

На табелата прв е Ѓорче Петров со 34 бода и веќе одбранета титула, а втор е Чаир со 27, додека Куманово останува трет со 25 бодови.