Алмеида и Величковска сами го победија Скопје

Ракометарките на Куманово во Женската лига стигнаа до убедлива победа против тимот на Скопје, со резултат 41:20, во натпревар од 11. коло од групата А. За разлика од претходното коло кога Куманово едвај ја победи Гевгелија, денес македонскиот вицепрвак беше сигурен против дебитантот.

Победникот на овој дуел беше решен уште во првата половина од првиот дел кога избраничките на Драгана Ристова поведоа со 10:1. Гостинската екипа првиот гол го постигна по десет минути игра преку Ѓорѓиева и до крајот одвреме – навреме доаѓаше до реализација. По 30 минути игра резултатот беше 18:9 за домашната екипа.

Тимот на Куманово продолжи со исто темпо во продолжението, не дозволи опуштање во ниту еден момент и рутински ја одработи денешната задача. До крајот само се броеја погодоци, особено во мрежата на гостинките, кои во второто полувреме постигнаа повеќе гола од првиот дел.

Најефикасна на натпреварот беше ракометарката на Куманово, Андреза Алмеида со 13 погодоци, додека Габриела Величковска беше втор стрелец со седум гола. Во поразениот табор одлична партија одигра Росана Павлова, која имаше осум реализации.

Куманово во следното коло ќе гостува во Автокоманда кај Шампион и ќе се обиде да запише уште една убедлива победа на свое конто. Скопје за следен ривал го има тимот на Вардар.