Гол шоу на Алмеида и Богојеска, Куманово влегува во победничка серија

Поранешниот шампион Куманово, по двата стартни порази, забележа две убедливи победи. Последната над составот на Скопје со 18 гола разлика, 45-27.

Беше неизвесно само првите десетина минути, кога Куманово водеше со 4-3, пред избраничките на Драгана Ристова со серијата предводена од Нолевска и Алмеида се одлепи на плус четири, 7-3.

Како одминуваше времето, така Куманово ја зголемуваше својата предност. До полувремето залихата што ја направија гостинките беше 11 погодоци, 24-13 и беше јасно кој ќе слави.

Вториот дел беше чиста формалност. И покрај црвениот картон поради три исклучувања на Сара Цветановска од Куманово, не се промени ништо резултатски на теренот. Гостинките ги казнуваа сите грешки на Скопје со лесни погодоци од контранапади.

Ристова во финишот им даде шанса на сите ракометарки. Најдобри во победничкиот тим беа Андреза Алмеида со 11 гола и Сара Богојеска со девет погодоци, додека кај Скопје се истакнаа Јасмина Попова со осум и Нина Неделковска со седум гола.