Алборг го задржа тренерот – Мадсен останува до 2025 година!

Стефан Мадсен го продолжи договорот со Алборг до 2025 година.

Мадсен функцијата главен тренер ја презема во 2018 година и од тогаш освои три шампионски титули во Данска, два трофеи во Купот, три трофеи во Суперкупот, а стигна и до финалето во Лигата на шампионите.

„Моето семејство и јас сме среќни тука, изборот не беше тежок. Клубот расте, чувствувам одлична поддршка и сигурно не очекуваат големи битки во наредните сезони. Не можам сам да остварам успех, амбициите и целите на тимот се поставени високо“, изјави Мадсен по продолжувањето на договорот.

Добрата работа во Алборг и одличните резултати му помогнаа на Мадсен да стигне и до титулата тренер на годината во данскиот ракомет, а задоволство од продолжувањето на соработката истакнаа и од Алборг.

„Стефан во себе носи ДНК на Алборг и убеден сум дека можеме да сметаме на него во наредните години. Развојот на клубот кој се случуваше во изминатите години под негово водство е фантастичен“, изјави директорот на клубот Јан Ларсен.

Набрзо Алборг го очекува плеј-офот во данскиот шампионат каде што ќе ја брка четвртата титула, а ќе потсетиме данскиот клуб обезбеди и четвртфинале во Лигата на шампионите.