Ако аеродромите се затворат: ИХФ ќе ги носи ракометарите со приватни авиони до Египет

Светското првенство за сениори кое од 13 до 31 јануари ќе се одржи во Египет наближува, а сосема извесно е дека ситуацијата со Ковид 19 ќе создава грижи и проблеми околу патувањето на репрезентациите.

Сепак, не се препушта ништо на случајноста и веќе се прави план како репрезентациите да пристигнат до Египет во случај аеродромот да биде затворен. Федерациите можат да бидат мирни бидејќи од ИХФ има план.

Веќе се обезбедени приватни авиони со кои ракометарите би можеле да бидат пренесувани до Египет за да може сè да мине во најдобар ред.

„ИХФ ќе обезбеди приватни авиони кои ќе ги однесат тимовите до Египет во случај аеродромите во некоја земја да бидат блокирани поради Ковид 19. Ова ни го потврди и претседателот на ИХФ, д-р Хасан Мустафа“, вели Хешам Наср, кој е претседател на Организацискиот одбор на Светското првенство.

Во Египет се веќе подготвени за организација на шампионатот, а веќе е сосема познато дека натпреварите ќе минат низ посебни протоколи како што беше ситуација и со Европското првенство за дамите во Данска.