Азиско – африканска група за кадетките на СП!

Женската кадетска репрезентација на Македонија ги доби ривалите за претстојното Светско првенство, кое од 30 јули до 10 август ќе се игра во нашата земја. Македонија со титулата на кадетскиот ЕХФ шампионат во Литванија, го обезбеди своето место на Мундијалот, а откако Грузија се откажа од организацијата, ИХФ домаќинската улога и ја додели на Македонија.

Избраничките на Љубомир Савевски во првата фаза од Мундијалот ќе играат против репрезентациите на Узбекистан, Иран и Сенегал во рамки од групата Б.

Се работи за лесни противници, но ракометарките на Македонија треба да одработат максимално и во сите натпревари треба да влезат без потценување на ниту една репрезентација.

Група А: Црна Гора, Шведска, Алжир, Исланд

Група Б: Македонија, Узбекистан, Иран, Сенегал

Група Ц: Данска, Португалија, Австрија, Фарски Острови

Група Д: Хрватска, Казахстан, Египет, Индија

Група Е: Романија, Холандија, Гвинеја, Словенија

Група Ф: Германија, Швајцарија, Словачка, Јужна Кореја

Група Г: Норвешка, Чешка, Бразил, Уругвај

Група Х: Унгарија, Франција, Аргентина, Шпанија

Во следната рунда продолжуваат селекциите што ќе се пласираат на првите две места во секоја група. Натпреварите ќе се играат во „СЦ Борис Трајковски“ и во двете сали во „СЦ Јане Сандански“. За Македонија ова ќе биде второ учество на кадетскиот Мундијал по оној во 2014, на кое нашата земја беше домаќин на најдобрите светски репрезентации.

Кадетското првенство во 2020 година не беше одржано поради ковид пандемијата, додека во 2018 и 2016 година титулата ја освојуваше кадетската репрезентација на Русија, која нема да допатува во Македонија поради санкциите од страна на ЕХФ и ИХФ.

Ова ќе биде прво издание на СП за кадетки со 32 селекции, но ИХФ мака мачеше да најде доволен број учесници. На крајот пет репрезентации добија вајлд-карти и затоа има најмногу селекции од Европа, дури 20, пет од Азија, четири од Африка и три од Јужна и Централна Америка.