Адемар Леон ќе бара оштета за Бомаштар, иако тој веќе игра за друг клуб

Екипата на Адемар Леон ќе бара обесштетување за српскиот репрезентативец, голманот Милан Бомаштар, кој, моментално, го носи дресот на Сковде од Шведска, пренесува шпанскиот портал „Ла нуева кроника”.

Иако клубот ја прекина соработката со Бомаштар пред извесен период, сепак, раководството на Адемар Леон планира да покрене судска постапка бидејќи не добиле отштета за репрезентативниот голман кој во моментот на раскинувањето на договорот имал уште две години од истиот.

„Ќе мора да преземеме нешто за да добиеме обесштетување. Отворени сме за преговори и постигнување пријателски договор”, изјави менаџерот на Адемар Леон, Хавиер Бухан за „Ла нуева кроника”.

Од клубот не сакаа да даваат било какви информации за причините за раскинувањето на соработката со Бомаштар, но шпанските медиуми наведуваат дека на српскиот голман не му била продолжена работната дозвола.