Се враќа во клубот по повеќе од 30 години и ќе го води матичниот клуб

Актуелниот селектор на машката сениорска репрезентација на БиХ, Ирфан Смајлагиќ, најверојатно ќе биде предводник на некогашниот европски шампион Борац од Бања Лука. По повеќе од 30 години се враќа во клубот каде што ја започна кариерата.

Смајлагиќ последниот клупски ангажман го имаше во хрватскиот шампион Локомотива Загреб. Во својата тренерска кариера беше предводник и на Босна Сараево, Замет, Чаковец, младинските репрезентации на Хрватска, како и репрезентациите на Египет и Иран.

Во 2003 и 2004 година работеше во стручниот штаб на сениорската репрезентација на Хрватска, која на Светското првенство во Португалија и Олимписките игри во Атина стигна до златото.

Искусниот тренер додека настапуваше за репрезентацијата на Хрватска, освои златен медал на Олимписките игри во Атланта (1996), сребрен медал на Светското првенство во Исланд (1995) и бронзен медал на континенталниот собир во 1994 година, на кој Португалија беше домаќин.

Со репрезентацијата на Југославија на Олимписките игри во 1988 година како играч го освои бронзениот медал.

Кон крајот на месец септември минатата година беше назначен за нов селектор на БиХ. Неговото поставување ка кормилото на босанската репрезентација вроди со плод, бидејќи БиХ обезбеди пласман на Европското првенство во Германија.

Борац освен во стручниот штаб, ќе прави неколку промени и во играчкиот кадар. Клубот го напуштија Лука Периќ, Берин Бркиќ, Марко Лукиќ и Лука Кнежевиќ,.

Периќ ги засили редовите на Целје, Бркиќ потпиша за македонскиот суперлигаш Охрид, а Лукиќ и Кнежевиќ се преселија во Слобода Тузла.