Ристовска ќе добие нова колешка – во ЦСКА доаѓа Боршченко од големиот ривал Ростов Дон

Средниот бек на рускиот шампион Ростов Дон, Викторија Боршченко, од следната сезона би требало да стане нова ракометарка на ЦСКА Москва.

Украинската репрезентативка, чија природна позиција е лево крило, не добива шанса на таа позиција бидејќи таму се Кожокар и Кузнецова, а ниту на плејмејкерската позиција не е во главна улога покрај Сен и Родригез, па по седум години ќе си замине од овој тим.

Боршченко потекнува од составот на Дњепарјанка, беше дел од Галичанка Лвов и Смарт Запорожје, а веќе десет години игра во Русија – три за Динамо Волгоград и седум за Ростов Дон. Од следната година ќе се пресели во метрополата.

ЦСКА Москва, каде што со успех настапува и нашата репрезентативка Сара Ристовска, во следната сезона ќе има големи амбиции, со сигурност ќе игра и во европските купови, па уште отсега почна да го формира ростерот.