Ракометарите на Еурофарм Пелистер запишаа трет триумф во суперлигашкиот плеј-оф, откако на домашен терен славеа над незгодниот состав на Охрид со 29-23. На терен се врати и капитенот Јосип Периќ, па битолчани во комплетен ростер ќе бидат на дуелот со Нексе од Лигата на Европа.
По 4-3 на стартот, избраниците на Жељко Бабиќ направија серија од четири гола за 7-3, а потоа водеа и со 11-5, но тоа само навидум беше безбедна залиха. Упорните охриѓани не се откажуваа, па до паузата успеаја да ја преполоват негативата и на полувреме се замина со резултат, 16-13.
Капитенот на гостите, Андоновски, а потоа и Николов реализираа за 16-15 во првите минути од вториот дел и најавија возбудувања. При 18-17, избраниците на Раде Стојановиќ пропуштија две прилики за реми, но тоа го сторија преку пивотот Тасески, кој израмни на 19-19.
Но тоа што тешко го добија, охриѓани лесно го загубија. За само две минути примија три гола за 22-19, потоа Секељ му одбрани пенал на Кривокапиќ и веќе немаше назад. Домаќините нагазија и Мараш зголеми на 23-19 кога остануваше да се играат уште десетина минути.
Костески зголеми на 24-19, а беше и 26-21, па немаше повеќе дилеми кој тим ќе ги освои бодовите на оваа средба. Најдобри стрелци во Еурофарм Пелистер беа Мандалиниќ со пет и Костески, Граџан и Периќ со по четири гола, а кај Охрид се истакнаа Николов со шест, како и Кривокапиќ и Ивановски со по пет погодоци.
|
---|
ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕРОХРИД
2 април 2022
29 - 23
Крај |
Место
Спортска сала „Боро Чурлевски“ |
---|