ДЕНЕСКА НА ТЕРЕНИТЕ: Вардар слави роденден и брка бодови за клучниот чекор за титулата

Двобојот меѓу Вардар и „сино-белиот“ тим од Автокоманда вечерва ќе биде во фокусот на македонската јавност.

За „црвено-црните“, влогот е јасен, победа која ќе ги доближи на само еден бод до шампионската титула. Во таков случај, Вардар би имал шанса решавачкиот чекор да го направи во следното коло против големиот ривал Еурофарм Пелистер и по три години да се врати на тронот во македонскиот ракомет.

Од другата страна, тимот на Кирил Лазаров доаѓа со свои амбиции и сака бодови во битката за второто место, што може да значи пласман во Лигата на Европа, ако првакот добие место во Лигата на шампионите.

Дополнителен мотив за вардарци е јубилејот, бидејќи клубот ќе го одбележи својот 65. роденден. По тој повод, ракометарите ќе настапат во специјални ретро дресови, а за навивачите е најавена богата програма и празнична атмосфера, што треба да стартува од 16:30 часот.

Натпреварот ќе се одигра во СЦ „Јане Сандански“ со почеток од 18:00 часот, а се очекува исполнета сала и вистински ракометен спектакл.

Покрај овој дуел, денеска настап ќе имаат и интернационалците Андреј Петковски и Евгениј Темелкоски во Полска и Грција.

ДЕНЕСКА НА ТЕРЕНИТЕ:

18:00 ВАРДАР – АЛКАЛОИД (МАКЕДОНИЈА)
16:00 ПАОК – АЕК АТИНА (ГРЦИЈА)
18:00 ГВАРДИЈА ОПОЛЕ – ПУЛАВИ (ПОЛСКА)