Поранешната руска репрезентативка, Екатерина Веткова во новата сезона ќе го носи дресот на грчкиот шампион ПАОК од Солун.
Искусната ракометарка од Русија со грчкиот клуб потпиша едногодишен договор. Нејзиното големо искуство ќе биде од голема помош за ПАОК кој освен на домашна сцена ќе настапува и во Европа, односно во ЕХФ Купот.
Веткова во ПАОК ќе пристигне од турскиот шампион, Кастамону. Русинката беше дел од голем број европски клубови како Олчим Валчеа, Астраханочка, Звезда Звенигород, ЧСМ Букурешт, Тулон, Корона Брашов и Дижон. Својата кариера ја започна во Лада Тољати каде настапуваше пет сезони.
Два пати ја има освоено Лигата на шампионите, во 2008 со руската екипа Звезда Звенигород и во 2016 година со романскиот ЧСМ Букурешт. Најголемиот успех со репрезентацијата на Русија го има остварено на Светското првенство во Кина (2009) освојувајќи го првото место.
Претходно, ПАОК ја ангажираше и македонската ракометарка, Марија Тасевска од Металург.