Металург се засили со црногорски пивот

Екипата на Металург, која во претходната сезона беше најголемото изненадување освојувајќи го Куп трофејот на Македонија, го ангажираше првото засилување за сезоната, која што веќе започна.

Тимот на Јулијана Дамчевска се засили со ракометарката од Црна Гора, Итана Лабовиќ. 21-годишната ракометарка во својата татковина настапуваше за Феникс од Подгорица.

Црногорката настапува на пикерската позиција и својот деби настап за тимот од Автокоманда го имаше во дерби дуелот против актуелниот македонски шампион Ѓорче Петров.

Лабовиќ во Металург доаѓа на местото на Александра Коловска, ракометарка која го напушти поранешниот шампион на Македонија и се пресели во Јувента Михаловце од Словачка.

Металург по четири одиграни кола во домашниот шампионат се наоѓа на 2. позиција во рамки од групата Б со биланс од три победи и еден пораз.

Избраничките на Дамчевска на 8 октомври ќе го одиграат првиот дуел против ПАОК во рамки од Европскиот Куп, додека реваншот ќе се одигра на 15 октомври во Скопје.