ИНТЕРВЈУ ВЕСЕЛИН ВУЈОВИЌ: Единствен клуб во кој се гледам себе си е Вардар!

Посебна најава за него не е потребна! Доволно е да напишам „Вујо мајсторе“ и на сите да им е јасно кој е мојот следен соговорник – Веселин Вујовиќ. Играчката легенда на Металопластика, која стана тренерска легенда на Вардар и миленик на македонските ракометни навивачи, особено на навивачката група „Комити“.

Стратег, кој бил селектор на заедничката држава Србија и Црна Гора, кој беше првиот селектор на сите машки селекции во Македонија и тренер, кој на Словенија и го донесе историскиот успех, бронзениот медал на СП во Франција во 2018 година. Југословен во душа, Црногорец по потекло, кој живее во Шабац, и кој гравитира во балкански рамки. „Темпирана бомба“ (како што сам се опиша) и тренер кој е најказнуван од ЕХФ поради својот темперамент. Ненадминлив е како соговорник, па поради тоа освен неговите зборови се друго е непотребно во ова новогодишно интервју.

Одамна немавте вака долга пауза од ракомет, дали ви беше потребна?

„Во целата оваа ситуација со пандемијата и како се играат натпреварите без публика и како играчите и тренерите, и комплетно цели екипи одат на тестирање секои три, пет, седум дена, патуваат со маски, апсолутно мислам дека не загубив ништо што ја направив оваа пауза. Потребна ми беше со огледа на тоа дека скоро 30 години, откако станав тренер, јас сум имал ваква сериозна пауза. Немам никаков проблем, добро се чувствувам, ги следам ракометните случувања и натпревари, особено клубовите (Вардар, Загреб) и репрезентациите (Словенија) кои ги сметам за мои.“

Тоа значи дека сте среќен што во еден ваков момент се одлучивте на овој чекор?

„Не можам да кажам дека сум среќен, но дека одморот дојде во вистински момент, тоа би биле точните зборови. Не сум среќен поради сите кои работат и ги имаат овие проблеми, кои не можат да работат како што сакаат, а тие луѓе се мои пријатели. Мене лично оваа пауза ми е добредојдена и се погоди во момент кога не знам како јас тоа би го издржал и физички и психички, тие прекини. Кога играч ќе ти биде позитивен цела екипа оди во карантин две недели. Ако ова заврши, а јас одново бидам ангажиран некаде, мислам дека сосем добро го минав овој период.“

Фото: SEHA/Zsolt Melczer

Пред извесно време најавивте дека во јануари ќе превземете нов клуб? Се подготвувате за тоа?

„Има најави за тоа, но проблем, како и сите други кои планираа, не го зедовме во предвид факторот корона и колку сето ова долго ќе трае. Имав некои понуди, односно разговори со клубови, но токму овој детал – коронавирусот е проблем. Да ме донесат во клуб и да ме плаќаат, а во два месеци да одиграат еден меч, залудно клубот троши пари, а јас своите нерви. Ако не биде она што јас го најавив во јануари сигурно ќе биде во следните неколку месеци, ќе превземам некој клуб. Не би се ни одлучил во овој момент, имав некои понуди од Швајцарија и Романија, но како да одам во некој клуб ако Федерацијата размислува да ја прекине лигата, ако клубот не игра натпревари? Тогаш залудно сум влегувал во таа приказна. Поради тоа и не брзам!“

Дали може да ве чекаме во Македонија?

„Објективно единствен клуб во кој јас се гледам себе си е Вардар. Особено со враќањето на Михајло Михајловски во клубот сите сметаа дека Вујо веднаш доаѓа. Но, во Вардар е тренер Стевче Алушовски, мој голем пријател, капитен на Вардар кога јас бев тренер и тој е иднина на македонски ракомет. Треба да се има трпение за резултатите кои ги има Вардар и за работата на Стевче, за некое селекторско место, затоа што Македонија заслужува да има добри тренери и ова е шанса тој да напредува. Доколку еден ден има варијанта, Веселин Вујовиќ да се врати во Вардар сигурно дека тоа нема да значи Стевче да замине. Тој би останал со мене. Ова го велам, само од мое лично размислување, без да зборувам со Михајло или со Стевче… Зборувам како што јас гледам на работите, да не бидам сфатен погрешно од некој.“

Со Михајло Михајловски сте голем пријател, во Вардар се враќавте двапати, со што ве задолжи клубот?

„Тоа е една историја, која нема реално објаснување. Многу луѓе кои беа сведоци на натпреварите кои Вардар ги играше со Металург, тоа траеше пет-шест години, во дуелите во кои беа Вујовиќ и Червар на клупите, од навивачи, судење, полиција… Секогаш тие натпревари беа со голема тензија и од висок ризик, едно општо лудило. Тогаш тоа не делуваше нормално, но денеска кога се слушам со луѓето кои живееја и беа во тоа време, на сите некако им недостасува тоа време, таа тензија, тој интензитет и сите се сеќаваат на тие добри времиња и сакаат да се вратат. Тоа е еден од факторите, што кога бев во Скопје, не сфаќав колку сето тоа е добро и убаво. Дури кога си заминав. Во принцип во животот секогаш кога нешто ќе загубиш сфаќаш колку тоа било вредно. Неверојатната поддршка од навивачката група ’Комити’, со толку љубов, сите години откако сум јас отсутен тие ме следат како некој свој, а кога се враќав во Скопје да погледнам некој меч од Лига на шампиони, а кога беа Раул или некој друг тренер ’Комити’ скандираа ’Вујо мајсторе’. Дали сум јас човек кој е транспарентен, кој ги покажува своите емоции, кој за боите на Вардар се бореше на сите можни начини и кој тие така го прифатија, но тоа е една голема љубов. Со Михајло тоа е големо пријателство. И кога има лоши моменти во животот, приватно, и добри, ние се слушаме и ги делиме тие моменти и повеќе сме како фамилија отколку тренер и претседател на клуб. И луѓето во Македонија. И во Битола кога сум бил на натпревар каде полна сала ми скандирала на погрден начин, ми го споменувала семејството…, но кога сето тоа ќе заврши, и истите тие момци ќе ги сретнам на улица, тие се поздравуваат, се смееме. Тоа ми се случувало и со навивачи на Металург. Тие ме почитуваа и сакаа надвор од сала, но на терен, исто како и јас, немаше поштеда, ни за мене, ни за нив и тоа е нешто што е привлечно. Јас сум од млад поврзан за Македонија. На мојата сопруга прекар и е Лиља Македонка (се смее), имам пријатели во Струга, служев војска во Кичево, бев тренер на Вардар во Скопје, еден период бев и селектор на Македонија – сето ова е причината за мојата поврзаност со Македонија.“

ВО ВАРДАР ДОЈДОВ НА 15 ДЕНА, ОСТАНАВ ШЕСТ ГОДИНИ

Како се случи Вујо да дојде во Вардар?

„Во тој момент бев селектор на заедничката држава Србија и Црна Гора, а потоа во Црна Гора се случи референдум и таа се осамостои. Имав понуда да останам селектор на Србија, а од друга страна ме побараа да бидам селектор и на Црна Гора и што и да одлучев во тој момент ќе погрешев. Живеам во Србија, семејството ми е во Шабац, а Црногорец сум по потекло. Во тој момент се појави Михајло Михајловски. Се играа плеј-оф натпревари со Металург и ме праша дали би сакал да поминам 15-тина дена во Вардар, да му помогнам на клубот, па потоа ќе разговараме. Дојдов на 15 дена, не ја освоивме титулата, Металург со Цветковиќ стана шампион, но направив голем напредок во формата и во квалитетот на екипата. Селекторскиот договор ми завршуваше, а јас одлучив да останам во Вардар. Не мислев дека ќе бидам подолго од тие 15-20 дена, а останав шест години. Се повторува она никогаш не вели не.“

Легендарен период за македонскиот ракомет е Вујо предводник на Вардар, Лино на Металург. Историја која не знам дали ќе ни се повтори. Како гледаш на неа од денешна перспектива?

„Со моето доаѓање и доаѓањето на Лино Червар квалитетот на ракометот во Македонија се крена на повисоко ниво. Нашите играчи квалитетот и искуството кое ние го имаме го пренесуваа и во националниот тим, кој постигнуваше многу подобри резултати. Мислам дека ние сме еден од факторите кои влијаеја ракометот да стане спорт број еден во Македонија. Неверојатно беше тогаш да се биде во ’Автокоманда’ или во ’Кале’ или во ’Борис Трајковски’ кога имаше 6-7000 публика на финалето на Купот. Имаше и грди моменти, но на нив некако не се сеќавам, ги паметам само овие добрите. Мислам дека таквите времиња тешко може да се вратат. Вардар со доаѓањето на Самсоненко и финансиски и материјално многу отиде напред, донесе неверојатно квалитетни играчи кои сега играат низ цела Европа. Кога ќе погледнеме кој се мина низ Вардар во последниве години свесни сте зошто е така. Металург заостана затоа што сметам дека Минчо Јорданов сфати дека колку и да вложува тоа ќе бидат само ’фрлени пари’ затоа што нема да може да му парира на еден таков Вардар, на некој начин крена раце од Металург, иако и политиката играше улога. Но сезонава даваат надеж, дека Металург ќе биде подобар. Донесоа некои сериозни засилувања, на крајот на краиштата кога ќе донесете во своите редови еден играч како Златко Хорват, кој е легенда на Загреб, тоа јасно го потврдува. Мило ми е поради тоа, затоа што за силен Вардар, потребен е и силен Металург, па и силен Еурофарм Пелистер. Тој квалитет и таа конкуренција се добри за ракометот. Но такво ниво на дерби и таква тензија каква што имаше меѓу Вардар и Металур во тоа време мислам дека нема веќе да се повтори.“

ГОЛЕМ СИ ТОЛКУ КОЛКУ ШТО ГО ЦЕНИШ СВОЈОТ ПРОТИВНИК

„Крвави“ ривали беа Вардар и Металург, имаше многу задкулисни игри, трети полувремиња…, а сепак Вујо беше оној кој предложи да се „закопаат секирите“ и клубовите да си помагаат еден на друг преку пријателски дуели?

 

„Во спортот кога се игра еден меч не може да победат двете екипи, може да победи само една, ако го изоставиме фактот дека имаме можност за нерешен резултат. Но тоа не значи дека таа другата екипа е лоша, или тренерот, или играчите. Фактор среќа, еден момент, некогаш во спортот и некои други работи го одлучуваат победникот. Зошто да не можеме ние да бидеме пријатели пред или по натпреварите, а на натпреварите нека биде војна, и добро е да има таква тензија. Но имаше ситуации кога навивачките групи се соочуваа и надвор од теренот, кога беше потребно да интервенира полиција, кога тоа беше општо лудило. Јас сфати дека еден спортски натпревар не е вреден ничиј живот и дека како човек кој има огромно влијание на луѓето околу себе, на навивачите, на играчите, со својата приказна и со својот начин на однесување дека можам да ги контролирам тие работи. Навистина така мислев и многу добро се сеќавам кога Пелистер беше во финансиски проблеми и беше пред испаѓање, и жал ми е што луѓето од Битола му го заборавија тоа на Михајло Михајловски. Тој им купуваше опрема, им даваше стипендија на играчите, го плаќаше Звонко Шундовски, кој тогаш им беше тренер. Михајло им помагаше, а јас го поддржував и му реков ’Михо помогни им за да не згасне еден историски клуб каков што е Пелистер.’ Со неговото згаснување ќе згаснеше една историја, а не сакав тоа да им се случи. Истото го мислам и за Металург, клуб кој двапати беше меѓу осум најдобри во Европа. На ниту еден друг клуб не му посакувам да му се случи она што се случи со Кометал. Големината на спортот е во сето тоа. Дека си голем онолку колку што го цениш својот противник. Не се сеќавам за сето време додека бев во Скопје, дека Вардар му украл еден играч на Металург. Филип Лазаров дојде од Металург затоа што не го сакаа, Борко Ристовски беше избркан, Стојанче Стоилов, трчаше на кеј, тренираше сам, па јас зборував со Михајло, па тој дојде во Вардар. Нашите најдобри играчи заминуваа преку ноќ или ние дознававме дури откако ќе потпишат. По тоа Михајло Михајловски беше најголем господин.“

САМСОНЕНКО ТРЕНЕРИТЕ ГИ СМЕТАШЕ ЗА НЕВАЖНИ ЛИКОВИ

Играчи како Карачиќ, Абутовиќ, Прибак, Милиќ, Марковиќ… дојдоа во Вардар поради Веселин Вујовиќ, но тој не беше во клубот за дел од нив да ги води и кон најголемиот успех – освојувањето на титулата во Лигата на шампионите?

„Михајло заедно со мене имаше идеја и добар план и резултатот покажува дека не грешевме во квалитетот на играчите. Знам дека првата година костурот на екипата беше оној кој ние го имавме, а потоа веќе почнаа да доаѓаат засилувања, но голем број на играчи кој беа и во мојот Вардар учествуваа во освојувањето на титулите и со златни букви се запишаа во историјата на Вардар и на македонскиот ракомет. Жал ми е, искрено ми е жал што не учествував во сето тоа. Јас не најдов заеднички јазик со господинот Самсоненко. Тој ракометот го гледаше на еден друг начин, тренерите ги сметаше за неважни ликови, кои во сето тоа не значат многу. Мене за шест години Михајловски никогаш не ме праша зошто овој играч играл или не или зошто сум направил некоја замена. Како тренер и претседател имавме разговори, но максимално ме ценеше. Јас имав чувство дека кај Самсоненко нема да го имам тој третман и да можам така да се однесувам. Им честитам на резултатите кои ги постигнаа, но Вардар треба што побрзо да го заборави Самсоненко и тоа што е направено претходно. Треба да се обиде да направи еден стабилен клуб, стратегија со млади македонски играчи и неколку сериозни засилувања и да се стабилизира во следните неколку години, а потоа повторно да тргне во освојување на кровот на Европа. Лично сметам дека оваа година Вардар направи некои грешки во изборот на засилувањата, но и самиот пазар не даваше многу варијанти. Вардар може да има подобри играчи во составот.“

Поради овие причини дојде и вашата изјава „… додека е Самсоненко нема да дојдам во Вардар“?

„Таа изјава ја дадов како заклучок. Затоа што сметам дека Самсоненко не ме сака како тренер каков што сум, со мојот карактер, тренер кој знае што сака. Без разлика на квалитетите на тренерите и на резултатите кои ги постигнаа мислам дека неговото мешање во работата на тренерот беше еден важен момент кој јас немаше да го издржам. Гледате, тие тренери можеби беа попаметни, со друг карактер, освоија титули, отидоа во големи клубови, јас тоа не би го издржал.“

Вардар, Загреб, Железничар, Копер… Каде и да оди Вујо, оди во тешки околности кога е потребно да се спаси некој клуб и да се врати на сигурни нозе. Зошто секогаш одите во клубови кои е потребно да се спасат?

“Ако ми верувате изморен сум од такви ангажмани, од такви идеи, да доаѓам во клубови кога нема пари, кога нема квалитетни играчи, кога треба сето тоа да се спаси. И јас би сакал да отидам во некој клуб на светско ниво и да уживам со играчи од светски квалитет. Но, ете, за жал мене ми се случуваат такви ситуации, веројатно кога претседателите размислуваат кој би можел да ја спаси таа ситуација си велат ’Еј Вујо’, ’Па, ајде гаси го пожарот’ и тоа е нешто што ме следи и јас од тоа не можам да побегнам.“

ВО БАРСА НЕ МОЖЕ ТРЕНЕРОТ ДА БИДЕ ПОГОЛЕМА ЅВЕЗДА ОД ИГРАЧИТЕ

Со исклучок на Шпанија, останатиот дел од тренерската кариера го минувате на Балканот, без разлика дали водите клуб или репрезентација. Никогаш не сте имале понуди од клубови од Германија, Франција… или не сте ги прифатиле?

„Бев во Шпанија, во Сиудад Реал, но имав еден сериозен инцидент во финалето кога ја освоија првата шампионска титула и ЕХФ ме казни две години да не можам да водам клуб во Европа. Тоа е мојот најсилен тренерски период и со години и со знаење, а јас го минав на Балканот затоа што многу европски клубови не се осудуваа да го ангажираат Веселин Вујовиќ, кој на некој начин беше темпирана бомба, бидејќи тие се плашеа од тоа. Разговарав и во еден период бев и многу близу да бидам тренер на Барселона, но општиот заклучок беше дека јас ќе бидам поголема ѕвезда од играчите кои се таму и дека тоа би влијаело на некои односи во екипата. Кога тренерот е најголема ѕвезда тогаш доаѓаат некои работи кои не се најдобри за составот на екипата, за нивниот психички момент, ете понекогаш и такви објаснувања добивав. Во јануари ќе наполнам 60 години и почнувам да размислувам дека веројатно нема веќе да бидам во позиција да работам во клуб со тој квалитет. Јас сум многу задоволен што бев во Вардар или во Загреб, затоа што тие луѓе правеа се за да се чувствувам добро и го даваа својот максимум за тоа. Тоа е како кога одите кај некој дома и без разлика колку и да е тој човек сиромав ако ви извади на маса се што има, вие не можете да бидете незадоволни – така ми беше мене и во Вардар и во Загреб. Ми даваа се што можеше. Можеби Кил и Барселона или некој друг ќе ми дадеше повеќе, но јас немаше да бидам среќен како што бев во овие клубови.

САМ НА СЕБЕ СУМ СИ НАЈГОЛЕМ НЕПРИЈАТЕЛ

Вујовиќ важи за нескротлив темперамент, тренер кој има неколку казни од ЕХФ, кој влегува во конфликти со играчи, има „краток фитиљ“  и не трпи авторитети. Почнавте ли полека да се смирувате?

„Кога ќе успеете да ги контролирате играчите, другите луѓе, да влијаете на нив, тоа е неверојатен успех, но вистинскиот успех доаѓа кога ќе научите да се контролирате себе си. Јас уште не сум сигурен дека сум научил да се контролирам себе си иако многу, многу се трудам да бидам смирен, поинаку да гледам на работите, да правам компромис, но и натаму длабоко во мене… Кога ги правам тие работи, ги правам смислено, а јас мислам дека сум бил најдобар кога она што ми е на срце во тој момент го кажам или го направам и кога тоа ќе излета од мене, макар било и лошо, затоа што тоа е нешто природно, Јас сум транспарентен човек, мене на ликот ми се гледа кога сум среќен и задоволен, кога сум тажен… Не знам да ги лажам луѓето околу себе, сето тоа го интерпретирам на еден човечки, чесен начин, така и мојата тренерска работа. Искрено има моменти во мојата тренерска кариера и играчка за кои ми е жал што се имаат случено и кога би можел да ги избришам, би го направил тоа. Но прашање е дали би бил таков добар играч или таков добар тренер ако не сум таков карактер. Тоа оди едно со друго!“

„Како тренер никогаш нема да го достигнам нивото кое го имав како играч. Јас сум си сам на себе најголем непријател, како тренер. Имав еден феноменален клуб како Суидад Реал, кој го превземам и од почеток ја направив конструкцијата и клубот подоцна стана повеќекратен првак на Европа со феноменални играчи. Нешто слично направив и во Вардар, одново ги направив тие чекори, а потоа едноставно не ми е дадено да уживам докрај во она што ќе го направам и некако некој друг ќе ја понесе таа слава и се што оди со тој успех, а на мене останува одново да ги подвиткам ракавите, да одам во ’рудник’, да ’копам’ и да постигнувам резултати. Жал ми е поради тоа, нормално. И јас, како и секој друг, се ценам себе си како тренер и сметам или можеби заслужувам и знам многу повеќе од некои тренери кои водат сериозни клубови. Ги следам, ги анализирам нивните потези, начинот на кој играат (тоа го правам и кога водам екипа, па се подготвувам за некој противник) и гледам колку е тоа празно, колку нема креативност, нема знаење, но да се биде во вистинско време и на вистинско место тоа е голема работа. Јас многупати не сум бил во вистинско време и на вистинско место.“

Вујо е самотник, особено кога станува збор за работата. Секогаш сте ги воделе екипите самостојно, никогаш немало тим околу вас.

„Јас ја сакам тимската работа, но многу тешко се одлучувам некому да му дадам доверба за некоја работа да ја одработи место мене. Тоа најдобро можам да го објаснам – ако тргнам на пат со некој кој вози автомобил. Седнувам на совозачкото седиште, но гледам дека другиот кочи, претекнува на лош начин…. ќе му речам човеку пушти ме јас да возам затоа што не можам да се опуштам, да се одморам – така се чувствувам и кога на мојот помошник ќе му дадам шанса да работи на тренинг. Кога гледам дека работи нешто спротивно на она како јас го гледам ракометот или дава совети кои не се добри според мене, тогаш не сум опуштен и мислам дека тој мој помошник повеќе ќе направи штета отколку добро и тогаш потешко ми е да го поправам сето тоа. Но кога ќе сфатам дека тој мој помошник има квалитети еднакви како и јас и имаме иста ракометна идеја тогаш тој добива повеќе простор за работа.“

Фото: SEHA/Nebojša Tejić

Вие сте и прв селектор на Македонија, кој беше предводник на сите селекции во машка конкуренција, од кадети до А тимот.

„Според мене селекторот на сениорите треба да биде селектор на сите селекции и да има во секоја посебни стручни штабови, но сите да работат и да играат по ист систем и да се развиваат како играчи. Според мене тоа е единствен исправен пат од најмали нозе да се креираат А репрезентативци. Советник е најлоша можна улога која јас никогаш не би ја прифатил. Или работиш или не работиш! Работиш, покажуваш и тоа е единственото што го признавам. Таков систем имав и кога бев селектор на Србија и Црна Гора, па Србија беше прогласена за најдобра репрезентација во ранкинг на ЕХФ во една година. Сениорите беа четврти на СП, јуниорите играа финале на СП, а кадетите го освоија СП, а јас бев селектор на сите тие селекции во тоа време. Тоа е историски резултат, начин на работа, стратегија. Се обидов така да работам и во Македонија, но кус период бев селектор, затоа што со Михајло, кој тогаш беше претседател на РФМ се договорив да ја превземам функцијата. Пренапорно ми беше, но тоа, одново ќе кажам беа убави денови.“

МИЛЕНИК НА НАВИВАЧИТЕ

Без разлика дали е во Македонија, Словенија, Србија, Вујо е миленик на навивачите. „Комити“ се ваши вечни поддржувачи, како ви успева тоа?

„Често размислувам за тоа, навистина често, што е она јас што го правам што на таков начин ме прифаќаат навивачите. Велат Словенците се ладни, мене тие не ми дозволуваа да одам по улица низ Љубљана, начинот на кој ме поздравија тој ден кога се вративме со бронзен медал од СП од Франција, тоа беше лудило. Никој никогаш ни близу не добил таков аплауза каков што доби Вујо кога се појави пред нив. Според мене кога зборувате од душа ќе ги допрете оние кои ве слушаат. Јас се давам себе си 200 посто и тие луѓе чувствуваат дека она што јас го работам е тоа што можеби тие би го правеле да се на мое место, тоа е моето единствено објаснување кое можам да го дадам“, се обидува да објасни Вујовиќ и продолжува со насолзени очи: „Ако сум имал емотивни моменти во мојата спортска кариера, а ги имав многу, многу, момент кој никогаш нема да го заборавам е оној проштален меч во ’Кале’. Тој клип зазема видно место и горд сум што еден човек, кој работи една работа и кој си замина, на таков начин биде испочитуван од навивачите. Некој добива аплаузи од 10-15-20 секунди, но тие мене ми скандираа 12-15 минути и тоа е нешто што не се повторува. Тогаш сфатив дека сум среќен што сум тренер и што сум работел и што имам такви луѓе кои ме поддржуваат.“


Кога може да ве видиме одново во Скопје, ако не службено, тогаш приватно?

„Ќе дојдам во Скопје штом ќе има услови да погледнам некој меч од Лигата на шампионите, штом ќе биде дозволено публика на натпреварите на Вардар. Ќе дојдам во Македонија, да ги видам моите пријатели, да седнам во Дебар маало и да се опуштам. Мислам дека брзо ќе биде. Македонија е мој втор дом, така се чувствувам таму.“