Зорман не смета на Зарабец и Скубе, но пак има пет врвни плејмејкери

Селекторот на машката репрезентација на Словенија, Урош Зорман го објави списокот на повикани ракометари за подготвителниот период пред квалификациските натпревари за пласман на Европското првенство 2024 година.

Зорман и неговите избраници на 9 октомври ќе го имаат првиот собир, додека на 13 и 16 октомври ќе ги одиграат првите квалификациски натпревари против Босна и Херцеговина, односно Косово. Ракометарите на Словенија и на двете средби важат за големи фаворити.

Веднаш по првиот собир Зорман ќе треба да одлучи со кој состав ќе настапи на натпреварите против Босна и Херцеговина и Косово, но за очекување е да смета на поголемиот дел од искусните ракометари како Деан Бомбач, Гашпер Маргуч, Клемен Ферлин, Блаж Јанц…

Селекторот на Словенија најмногу ракометари ќе има на располагање на средната бековска позиција, дури пет. Деан Бомбач, Рок Овничек, Алекс Влах, Домен Макуц и Јака Малус се ракометарите кои ќе ја покриваат средната бековска позиција, но исто така сите наведени играчи можат да одиграат и како леви бекови.

Во споредба со последните собири, меѓу првите пет средни бекови ги нема Миха Зарабец и Сташ Скубе. Зарабец ќе отсуствува поради повреда, додека Скубе е изоставен од причина што Зорман сака повеќе шанса да им даде на младите играчи како Макуц и Малус.

Словенија освен со Босна и Херцеговина и Косово за пласман на ЕП 2024, кое ќе се одржува во Германија, ќе се бори и против репрезентацијата на Црна Гора. Пласман на Европското првенство 2024 ќе обезбедат првите две селекции од секоја група, како и најдобрите четири третопласирани репрезентации од 8-те групи.