Георгиевски: Победа против Мотор ќе ја крене уште повеќе нашата самодоверба

Десното крило на Вардар, Гоце Георгиевски имаше добри партии против тимот на Елверум и полека доаѓа до подобра форма така што покажува дека може да биде од голема помош за играта на вардарци.

Пред дуелот со Мотор Запорожје вели дека претстои тежок натпревар на кој дефинитивно се очекува да се одигра добро и да се дојде до убав резултат.

„Нè очекува натпревар против Мотор Запорожје во еден друг тип на натпреварување. Ова е тежок период за играње бидејќи имавме многу натпревари во овој месец. Сепак, знаевме дека ќе биде вака бидејќи го очекувавме ова, но исто е за сите. Постојано сме во подготовки, тренинзи, патување и натпревари. Мотор е сериозен противник, кој и во Лигата на шампионите игра добро и се наоѓа на 3. позиција. Од она што можевме да видиме, трчаат многу и постигнуваат голови. Се работи за квалитетна екипа, која ја гледам и како потенцијален противник за осминафинале во Лигата на шампионите. Може секој да ни биде ривал. Мора добро да се подготвиме. Се работи за СЕХА лига, но секој натпревар носи своја тежина и секоја победа поголема самодоверба и подобра атмосфера.Ова е важен натпревар за нас и се надевам дека ќе се подготвиме добро и ќе извлечеме поволен резултат“, вели Георгиевски.

Вардар има две победи од дуелите против Војводина и Нексе, а ова ќе биде нова можност да дојде до нови бодови и да продолжи со трката за првото место и подобра позиција во четврт-финалето од СЕХА лигата.