Велковски: Дуелот со Татран е многу важен за нас, влегувам во ритам после повредата

По куп средбата со Вардар Неготино, тимот на Еурофарм Пелистер го очекуваат обврски во регионалната СЕХА лига.

Во Битола ќе гостува словачкиот првак Татран Прешов, а десниот бек Мартин Велковски полека се враќа во ритам после повредата.

„Очекував порано да се вратам од повредата. Сè уште заздравувам и влегувам во ритам и се надевам дека ќе бидам максимално спремен против Татран Прешов и дека ќе се вратам на нивото на кое што бев пред повредата“, вели Велковски.

Битолчани го „скокнаа“ дуелот со Рајн Некар Левен, па имаа повеќе време за подготовка за Татран Прешов.

„Одложувањето на натпреварот против Рајн Некар Левен ни отвори шанса повеќе да се спремаме за Словаците. Се подготвуваме за нивниот целокупен тим, сепак доаѓаат со играчите кои го влечат товарот во екипата. Ги анализиравме добро и се надевам дека ќе се покажеме во вистинско светло, бидејќи натпреварот е многу важен за нас, за да го осигураме второто место во групата во СЕХА лигата“, заврши Велковски.

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Татран Прешов се игра утре со почеток во 17:45 часот во салата „Боро Чурлевски“.