„Вардар е секогаш голем мотив и поттик за надигрување“

Српскиот шампион Војводина денес ќе се соочи со Вардар во реванш дуелот од четвртфиналето на регионалната СЕХА лига.

Клубот од Нови Сад поради обврските на домашна и европска сцена реши четвртфиналните дуели со македонскиот тим да ги игра со младинци.

Поради тоа, исходот од првиот дуел, кој заврши со победа на Вардар од 38:25, беше сосема очекуван.

Тренерот на Војводина, Борис Ројевиќ, истакна дека без разлика со каков состав ќе настапи, играњето против Вардар ќе биде голема мотивација за неговите млади ракометари, кои ќе стекнат големо искуство со настапите во регионалното натпреварување.

„Екипата на Вардар е секогаш голем мотив и поттик, играњето против поранешниот европски првак е награда за нашите напори и резултати. Ќе видиме кој ќе настапи на денешниот дуел, ќе мора да се комбинираме и ќе се обидеме да извлечеме максимум. Секогаш одиме на победа без разлика на противникот и моменталната состојба во која се наоѓаме”, изјави Ројевиќ.

19-годишниот кружен напаѓач Лука Роган се надева дека со неговите соиграчи ќе се претстават во подобро светло пред домашната публика.

„Темпото во кое се најдовме во овој дел од сезоната навистина е тешко. Пред помалку од 48 часа имавме дерби дуел со Црвена Ѕвезда, а за Шведска патуваме за неколку дена. Играјќи дома, се надевам дека ќе најдеме начин да постигнеме подобар резултат во однос на првиот натпревар”, изјави Роган.

Натпреварот меѓу Војводина и Вардар ќе се одигра во спортската сала „Слана Бара“, со почеток од 16:30 часот.

За потсетување, екипата на Војводина се пласира во полуфиналето на Европскиот Куп и в сабота избраниците на Ројевиќ ќе го одиграат првиот полуфинален дуел против Алингсас од Шведска.