Божиновски лидер на теренот, Голден Арт 2 победнички во прволигашкиот плеј-оф

Тимот на Голден Арт 2 славеше на гостувањето во Гевгелија кај Партизан со 27-20 во натпревар од последното 18 коло во Првата лига.

Овој дуел немаше резултатско значење за двете екипи, со оглед на тоа што гостите веќе се пласираа во плеј-офот, додека гевгеличани ќе играат во плеј-аут.

Избраниците на Филип Глигоров водеа со шест гола во првиот дел, но на стартот на второто полувреме следуваше пресврт од Партизан, кој поведе со 17-16 и 18-17. Сепак скопјани предводени од Андреј Божиновски, кој даде 11 погодоци, не дозволија изненадување.

Најпрво со серија од шест гола го преземаа водството, 23-18, а потоа гевгеличани не успеаја да постигнат гол дури 13 минути. За тоа време, Голден Арт 2 ги казни сите грешки и на крајот славеше убедливо.

Покрај Божиновски, за Голден Арт 2, Марко Пасковски даде четири гола, а кај Партизан се истакна Лисичков со осум погодоци.