Ракометарите на Барселона дојдоа до победа на дуелот од 6. коло во Лигата на шампионите откако на гостувањето кај тимот на Флензбург забележаа триумф од 34:26. Со овие бодови само ја потврдија првата позиција во групата и најавија атак на врвот и директен пласман во четврт-финалето напролет.
Барселона беше во предност уште од стартот. Гостинските ракометари поведоа со 2:0 и овие два гола без проблеми ги зголемуваа. Постојано правеа поголема предност која им даваше можност за мирно продолжение на средбата така што во ниту еден момент немаше проблеми. Флензбург практично не успеа ниту еднаш да израмни и рано морше да капитулира во овој дуел.
Уште на средина од мечот беше јасно како ќе се одвиваат работите. Предноста од 16:10 во корист на Барселона на одмор беше и повеќе од доволна за да може да се продолжи во висок стил во вториот дел од натпреварот кога гостите успеаја да ја зголемат разликата и на моменти да дојдат на граница од двоцифрена позитива. Палмарсон, Циндриќ и Мем функционираа одлично во бековската линија и беа голем проблем за противникот, па тоа овозможи во финишот од средбата да се одигра мирно и да се запишат нови бодови.
Во победата на Барселона најефикасни беа Мем, Палмарсон и Арињо со по пет погодоци, додека по четири имаа Циндриќ, Томас и Абељо. Во редовите на Флензбург, Јурецски беше најефикасен со пет гола, додека Готфридсон и Јондал реализираа по четирипати.