Екипата на Еурофарм Пелистер се наоѓа на подготовки во Србија каде што ќе го фати потребниот ритам за дуелите против Нексе од првата елиминациска рунда во СЕХА лигата.
После контролата со Вардар во четвртокот тимот веднаш замина за Србија и веќе неколку дена се одработуваат тренинзи, а ќе има и контролни средби, па в сабота ќе следува првиот меч против Нексе во Нашице од 15 часот.
Во тимот недостига левото крило Гоце Ојлески и пивотот Александар Шевелев. И двајцата се повредени, а Украинецот нема да може да игра до крајот на сезоната бидејќи е опериран.
„Имаме два добри пикери и со нив ќе продолжиме во вториот дел од сезоната. Нема потреба да ангажираме други ракометари бидејќи сметам дека оние играчи кои ги имаме се доволно добри и квалитетни за да издржиме до крајот на шампионатот“, коментираше тренерот Жељко Бабиќ за 24 Ракомет.
Тој е задоволен и од формата на Словенецот, Анже Ратајец, кој после повредата се враќа на терените.
„Ратајец се враќа после повреда и му треба уште време за да дојде до посакуваната форма. За разлика од другите тој сега почнува со играње. Покажува добра игра во одбраната, па го чекаме да почне полека да се вклопува и во нападот“.
Пред заминувањето за Србија, Еурофарм Пелистер играше со Вардар, а за тој натпревар, „црвено-црните“ победија со 32:28.
„Игравме многу добро на повеќе од пола од натпреварот. Првите20 минути и последните 13-14 минути многу добро во дефанзивата и во транзиција. Некогаш и противникот ве лимитира бидејќи Вардар е првак на Европа. Сепак, ние имавме еден тренинг заедно во комплетен состав пред тој натпревар. Многу сум задоволен. Денеска видов многу силен ангажман и одлична одбрана. Еуфорарм Пелистер сигурно ќе биде многу подобар во однос на она што го видов, но веќе и ова е многу добро“.
Очекува најдоброто да дојде дури на 12 февруари кога во Битола ќе се брка четврт-финале во СЕХА лигата.
„Нашата форма би требало да биде најдобра на реваншот против Нексе во Битола. Претходно ќе гостуваме во Нашците и тоа се натпреварите кои сега ги играме, но само што се собравме. Репрезентативците дојдоа подоцна. Сепак, очекувам максимум од сите и знам дека можеме да одиграме уште подобро и да имаме и контрола на играта и во одбраната и во нападот“, изјави Бабиќ за 24 Ракомет.
Еурофарм Пелистер игра контролни средби во Србија и дефинитивно е за очекување да се види голем напредок во формата како ќе одминува времето.