Скопје скапо ја „продаде“ кожата во Богданци

Тимот на Младост Богданци се пласираше во четвртфиналната рунда од Купот на Македонија, откако на свој терен со голема мака го совлада составот на Скопје со еден гол разлика, 29-28.

Младите избраници на Будимир и Станковски одиграа одличен натпревар и го намачија суперлигашот. Домашните отворија со 5-1, беше 11-6, но упорните гости намалија на 11-10. Сепак на пауза се замина со водство на Младост со 14-12.

Во вториот дел гостите направија пресврт, водеа со 16-18, а кога Младост израмни, се играше гол за гол до 23-23. Потоа следуваше серија од три гола на домашните за 26-23, а беше и 29-26.

Киселовски и Чакалиќ намалија на 29-28, и внесоа драматичност во завршницата, но немаше време за нешто повеќе и победата остана за Младост Богданци. Гостите може да жалат што не станаа единствен прволигаш во следната фаза, бидејќи на овој дуел промашија дури пет пенали од шесте досудени.

Најдобри стрелци кај победникот беа Динов со шест и Караиванов со пет голови, додека кај Скопје се истакна Чакалиќ со десет погодоци.