СЕДМЕРЕЦ: Последното заминување на Доне Бошковски

Луѓето што го познаваа ќе го споменуваат и ќе го паметат Доне таков каков што беше - другар, пријател, тренер, вљубеник во ракометот

Многу млади животи загуби македонскиот ракомет во изминативе 2-3 години, последната загуба дојде викендов. Замина и Андон Бошковски или Доне како што сите си го знаевме, овој пат во вечноста.

Вообичаено досега пишувавме за оние негови доаѓања и заминувања од клубовите. Со неговиот темперамент и онаа негова карактеристична навика да подметне грб за друг кога ќе затреба, доаѓањата и заминувањата за него не беа ретка појава. Менуваше клупи, но секогаш беше тука некаде, секогаш во ракометот. Внесен во некоја нова анализа, понесен од некоја нова идеја, секогаш подготвен да влезе во некој нов проект… Да помогне, да се скара ако треба.

Паметам една наша „голема кавга“. Со Доне се скаравме за една анализа на оние први олимписки квалификации на машката ракометна репрезентација на Македонија во Гетеборг за ОИ во Лондон. Толку многу ја посакувавме таа Олимпијада и толку многу се разочаравме што на крај сите со секого се каравме барајќи ја причината во секој потег, во секој збор и во таа „несреќна анализа“ во жарот прерано објавена. Не дека навистина беше до неа, ама ете во тие моменти со Доне со саати се расправавме дали „Чарли“ (како што го викаше Карлос Перез) и Унгарците „не прочитале“! Додека не помина лутината, после пак беше по старо…

Да, за Доне повеќето ќе кажат „бевме добри пријатели, но знаевме и да се скараме…“ И,  најчесто тоа беа/биле ракометни кавги, како таа „гетеборската“. Оние што се цел живот во спортот и во ракометот и што знаат со часови да дебатираат и да се расправаат за тактиките и за правилата, за анализите, за очекувањата и за разочарувањата во спортот што сите го сакаме, многу добро ја разбираат оваа реченица.

Лино Червар, кој на Доне во времето на Металург му беше омилениот учител, знаеше да каже дека „се кара само со тие што знаат и што ги почитува, оние другите не ги забележува…“ А, Доне беше токму таков препознатлив лик во македонскиот ракомет. Сакаше да анализира и знаеше да дебатира, и да се скара и да се смири. Израснат во ракометно семејство, ракометот беше неговиот живот. Не можеше да не го видиш на натпревар во сала, впрочем, и не паметам дека воопшто пропуштил некој меч на македонските репрезентации. Се знаеше со сите, беше пријател и другар, со многу големи ракометни имиња во светот беше „на ти“, знаеше да потсети дека своевремено токму тој бил иницијаторот Червар да дојде во Металург и многу се горедееше со тоа пријателство. Учеше од подобрите и знаеше многу, но ретко се ставаше во преден план и можеби токму затоа понекогаш беше и потценета или недоволно видлива неговата вистинска вредност.

А, сега е веќе доцна за сè.

Доне замина прерано, а имаше уште толку многу да направи во животот, во ракометот…Ќе останат анегдотите и сеќавањата, ги има толку многу. Луѓето што го познаваа ќе го споменуваат и ќе го паметат Доне таков каков што беше – другар, пријател, тренер, вљубеник во ракометот.

И верувам дека некој ќе го овековечи неговото име и со некој меморијален турнир. Како луѓе кои целиот свој живот му го посветија на ракометот Доне и неговиот татко  Лефтер Бошковски го заслужуваат тоа.