Скандал на повидок во Данска – суспензија стара 12 сезони го „прогонува“ Грин!

Данскиот второлигаш ХOЈ може да остане без победата остварена во првото коло од новата сезона, и тоа поради случај поврзан со неговото ново голманско засилување Јаник Грин.

ХOЈ во првото коло славеше убедливо против Архус со 32-22, но гостите поднесоа жалба и бараат натпреварот да биде регистриран со службена победа за нивниот тим.

Причината е настапт на Грин, кој ова лето пристигна во ХОЈ од ПСЖ.

Имено, искусниот дански голман во сезоната 2013/14, како член на Бјерингбро, добил суспензија од еден натпревар поради случај кој ја потресе данската ракометна јавност. Тогаш осум ракометари на Бјерингбро и 18 играчи на Скандерборг биле казнети поради договор во кој било ветено исплаќање на 15.000 дански круни доколку Сондерјуске победи на натпреварот од последното коло, од кој зависел пласманот на Бјерингбро во плеј-оф.

Данската федерација го оцени таквото однесување како неетичко и изрече суспензии, со рок казните да бидат одработени до 1 декември 2024 година.

Грин по таа сезона замина во Германија, каде бранеше за Магдебург, па суспензијата не ја одработил. Откако летово се врати во Данска и потпиша за ХОЈ, случајот повторно излезе на површина.

Голманот, сепак, ги отфрла обвинувањата и тврди дека пред трансферот во ХОЈ самиот проверил дали старата казна сè уште важи.

„Ако имав суспензија, секако ќе ја одработев. Но, јас немав суспензија“, изјави Грин за данските медиуми.

Според неговите зборови, тој за случајот се консултирал и со Асоцијацијата на ракометари, од каде што добил потврда дека казната повеќе не е активна.

Грин дополнително смета дека, дури и доколку суспензијата сè уште важела, таа требало да биде одработена во неговиот прв натпревар по враќањето во данскиот ракомет. Тој првиот официјален меч го одигра во Купот на Данска, пред дуелот со Архус.

ХОЈ и Грин засега не сакаат да ги објават документите со кои би ја потврдиле својата верзија, бидејќи случајот сè уште е во постапка.

Сега останува Данската ракометна асоцијација да донесе одлука по жалбата на Архус. Доколку биде прифатена, ХОЈ би можел да остане без својата единствена победа во досегашниот тек од сезоната.

Во ХОЈ ова лето покрај Јаник Грин, Ласе Андерсон, Toмас Солстад…а таму останаа Хампус Ване, Тил Климпке, Симен Шонингсен…