Кумановки одиграа едно полувреме против Галичанка, потоа…

Ракометарките на Куманово претрпеа пораз на гостувањето во Лвов во меч од 3. коло од Европскиот куп и после првиот дуел практично останаа без шанси за пласман во следната рунда. Поразот од 17:33 е реална слика на разликата на она што беше направено на теренот.

Куманово имаше сили само за едно полувреме. Парираше во еден дел од него и се задржа на три гола разлика, а на одмор имаше резултат од 8:11.

Оваа негатива од три гола, сепак, за брзо ја снема во продолжението кога домашните влегоа далеку посилно и посигурно. Брзањето во обид да се дојде до позитивен резултат односно до враќање во средбата овозможи ракометарките на Галичанка да дојдат до подобар резултат односно да успеат рано да го решат натпреварот.

Лошата реализација на Куманово беше причина за лесни погодоци на Галичанка. Во таквиот ритам на игра тимот од Лвов успеа да се избори за голема предност која на крајот беше 16 гола разлика.

Овој резултат практично го одлучи победникот на овој дуел така што в недела на реваншот кој се игра исто така во Лвов тешко ќе може нешто да се надомести и ќе се игра за што е можно подобар резултат.

ГАЛИЧАНКА – КУМАНОВО       33:17 (11:8)

Сала: СЦ „Галичина“ во Лвов. Судии: Валери и Јури Вуцкевич од Белорусија. Делегат: Васили Фегир од Украина.

ГАЛИЧАНКА: Гладун (18 одб. 1 сед,), Дијаченко, Шипљак 2/3, Лијаковенко, Прокопијак 1/1, Маркевич 1/5, Холовко 3/4, Василјака, Саталнјук, Фурманец 5/9, Овчаренко, Мајкут 3/4, Коновалова 1/1, Мелекесцева 2/5, Дмитришин 7/14, Пољак 8/12.

Седмерци: 7/9, Исклучувања: 4 мин.

КУМАНОВО: Митровиќ (9 одб., 2 сед.), Марковиќ 1/5, Пецанова 0/2, Трајковиќ 4/7, Ивановска 1/3, Боризовска 4/10, Шарановиќ 2/9, Чокели 2/3, Кипријановска 1/9, Џамкиќ 2/2 , Краљевска, Цветановска, Краљевски, Бечирхоџиќ, Димитриевска.

Седмерци: 3/4, Исклучувања: 14 мин.