Кузмановски фати ритам, прв стрелец во триумфот против Миркуловски

Во македонската пресметка во Бундес лигата, Хановер и Филип Кузмановски во неизвесна завршница славеа победа против Вецлар за кој настапува Филип Миркуловски со 25:24 и ја прекинаа серијата порази.

Кузмановски имаше добро издание на натпреварот и беше најефикасен за својот тим со шест погодоци и само едно промашување, а еден гол постигна од седмерец. Миркуловски не постигна гол, но имаше две асистенции.

Во поголемиот дел од првото полувреме Вецлар имаше предност но на паузата домашниот тим замина со водство од 13:11. До крај на дуелот Вецлар постојано беше во игра, но не успеа да избегне пораз.

Мартин Томовски со својот Лудвигсхафен имаше тешко гостување кај Фленсбург и доживеа пораз од 29:35. Домаќинот на овој дуел ја оправда улогата на фаворит и без многу проблеми стигна до победата.

На полувреме беше само еден предност за Фленсбург, 17:16, но во продолжението на мечот немаа проблеми да стигнат до победата. Томовски имаше солиден настап, за едно полувреме собра шест интервенции од кои еден седмерец.